Актуелниот пратеник и поранешен вицепремиер, Фатмир Битиќи, во интервју за Нова тв вели дека највпечатливата грешка на оваа влада е што ја изгуби врската меѓу политиката и реалниот живот.
Се напушти моделот на економија која создава можности, гледаме ад-хок мерки и политики кои не се засновани системски. Економијата ја губи својата динамика, резултатите кои се испорачуваат не се посакуваните. Системскиот пристап е изоставен, без чувство за време и последици, вели тој.
Битиќи потенцира дека како социјалдемократ најболно за него е што државата веќе не е сојузник на работниците и ранливите.
Социјалниот дијалог е парализиран, синдикатите се игнорирани, трипартитниот модел на дијалог за унапредување на правата на работниците е напуштен. Темата за зголемување на минималната плата институционално не се дискутира и се бега од одговорноста – како од Владата да не знаат дека за поголемиот број на приматели на минимална плата тие се работодавачи, вели Битиќи.
Според него владее молк кој во прилог им оди на бизнис интересите, напоменува дека граѓаните се оставени со најниски плати да го преживуваат секој месец. А, за разлика од пасивноста на Владата, цените се динамични и активни.
Минималната плата во март се зголеми за 1.812 денари, а вредноста на потрошувачката кошница во април во однос на март се зголеми за 836 денари, додека пак во мај во однос на март се зголеми за дополнителни 1.217 денари. Доволни беа два месеци за растот на трошоци да го надмине растот на минималната плата. Сега потребни се 2,62 минимални плати од 24.379 денари за да се покрие потрошувачката кошница од 63.908 денари, појаснува поранешниот вицепремиер и актуелен пратеник, Битиќи.
Според него во финансиската политика, најголемиот проблем е нетранспарентноста.
Задолжувањата се прават без јасна стратегија и без јавна анализа за нивната исплатливост. Буџетот е повеќе маркетиншка платформа отколку инструмент за развој. Јавниот долг расте, капиталните инвестиции доцнат, а Владата тоа го прикажува како „редовна реализација“. Кога институциите ќе почнат да работат со отчетност, предвидливост и одговорност тогаш ќе можеме да зборуваме за финансиска политика. До тогаш, гледаме само управување на привремена удобност на владејачката гарнитура и штитење на нечиј интереси, кои не се усогласени со интересите на јавноста, вели Фатмир Битиќи за Нова тв.
Интервјуто со Фатмир Битиќи Нова тв ќе го објави во текот на денешниот ден.
Преземено од Новатв.мк