Мадрид изјави дека нема да мора да достигне 5% од БДП за трошоци за одбрана, како што бараше американскиот претседател Доналд Трамп.
Белгија изјави дека бара „максимална флексибилност“ од НАТО во врска со зголемените цели за трошоци за одбрана, што треба да се договорат на самитот оваа недела, откако Шпанија, која исто така заостанува, инсистираше дека добила ослободување.
Мадрид изјави дека нема да мора да достигне 5% од БДП, како што бараше американскиот претседател Доналд Трамп, најавувајки потенцијална конфронтација на дводневниот самит што започнува на 24 јуни во Хаг.
Белгискиот министер за надворешни работи, Максим Превост, изјави дека иако Брисел мора да покаже „подготвеност да се врати на вистинскиот пат“ по години недоволно финансирање, целта е надвор од неговите „буџетски можности“, објави АФП.
„Можеби не го направивме тоа со гласни изјави како Шпанија, но можам да ве уверам дека со недели нашите дипломати работеа напорно за да добијат механизми за флексибилност што би можеле да го олеснат товарот врз белгиските напори. Сакаме максимална флексибилност“, изјави тој за радио RTBF.
Според договорот одобрен од земјите на НАТО на 23 јуни, сојузниците ветија дека ќе достигнат 3,5% за основните воени потреби во текот на следната деценија и ќе потрошат 1,5% за поширока категорија „трошења поврзани со одбраната“, како што се инфраструктурата и сајбер безбедноста.
Обврската се смета за клучна и за смирување на Трамп, кој се закани дека нема да ги брани сојузниците кои трошат премалку, и за да му помогне на НАТО да ги изгради силите потребни за одвраќање на Русија.
Повеќе дипломати од НАТО изјавија дека договорот, кој ќе биде објавен на самитот, е одобрен од сите 32 земји и дека нема исклучок за Мадрид.
Но, шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека постигнал договор според кој неговата земја ќе продолжи да ги исполнува своите обврски „без да мора да ги зголемува трошоците за одбрана на 5% од бруто домашниот производ“.
Левичарскиот лидер подоцна објави писмо на интернет од шефот на НАТО, Марк Руте, во кое се потврдува дека договорот ќе „ѝ даде на Шпанија флексибилност да го одреди својот суверен пат“ за да ги исполни барањата на алијансата за воени капацитети.
Но, дипломат од НАТО, зборувајќи под услов на анонимност, рече дека „нема исклучоци“.
„Сојузниците секогаш имаат суверено право да одредат како ќе ги исполнат своите обврски“, нагласи дипломатот.
Белгија, како и Шпанија, е една од земјите-членки на НАТО со најниски трошоци за одбрана во релативна смисла.
Моментално троши 1,3% од БДП за одбрана, што е далеку под моменталната цел од 2% што владата вети дека ќе ја постигне.