Филипче: Младите и уште неродените ќе ги враќаат долговите од 7 милијарди направени за бизнис интерес на власта

Во обраќање пред младите социјалдемократи, претседателот на СДСМ, Венко Филипче остро реагираше и ја осуди неодговорната и корумпирана власт која ја задолжи Македонија со над 7 милијарди евра, без отчет и без развој, се истакнува во соопштението на најголемата опозициска партија.

„Страшно ми е што сите вие, младите, па дури и вашите неродени деца треба да враќаат седум милијарди евра коишто се земени на којзнае каков, на сомнителен начин. Тоа е недозволиво“, рече Филипче.

Тој нагласи дека младите немаат никакви реални можности во сопствената држава, дека системот е нефункционален и дека сè почесто единствен услов за вработување е партиска книшка.

„Целосно неодговорна власт. Ниту има опции, ниту има можности, ниту има какви било индикатори за светла и добра иднина на младите. Единствено нешто што треба да имате е партиска книшка. Тоа значи дека сценариото е – да добиете работа со купена диплома, без полагање англиски, со документ од студиото Јулија од Бугарија. И никому, ама баш никому, око да не му трепне“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен