Комесар: На ЕУ и требаат стратешки залихи на ретки метали поради заканата од Кина

Земјите-членки на Европската Унија треба да воспостават заеднички стратешки залихи на ретки земни метали за да ја заштитат стабилноста на синџирите на снабдување и да го намалат економскиот притисок од Кина, изјави Стефан Сежурне, комесар за просперитет и индустриска стратегија во Европската комисија. Според германскиот весник „Ханделсблат“, Сежурне најави дека оваа година ќе бидат распишани нови тендери со цел поттикнување на алтернативни извори на суровини.

„Денес сите земји од ЕУ имаат стратешки залихи на нафта и гас. Сега е време истото да го направиме и за стратешките суровини“, нагласи Сежурне.

Во јуни, Европската Унија објави 13 нови проекти надвор од нејзините граници, насочени кон обезбедување залихи на метали и минерали кои се клучни за одржување на конкурентноста во енергетската транзиција, како и во одбранбениот и воздухопловниот сектор.

Оваа иницијатива следува по априлската одлука на Кина да воведе ограничувања на извозот на магнети од ретки земни метали, додека не се издадат нови извозни лиценци. Одлуката предизвика итни разговори меѓу европските дипломати, производители на автомобили и други компании со кинески претставници, со цел да се избегне затворање на фабрики.

Сежурне исто така предупреди дека ЕУ располага со алатки за одбрана во случај на потенцијална трговска војна. „Европа конечно мора да почне да ги користи истите алатки како и нејзините конкуренти“, изјави тој.

Кина во јуни соопшти дека ги сфаќа сериозно загриженостите и дека ќе размисли за забрзување на процесот на одобрување за извоз на ретки метали во Европската Унија.

Зачлени се на нашиот е-билтен