Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ: Понижени работници со најниски плати во Европа

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, на денешната прес конференција, потенцираше дека за една година власт, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ја претворија Македонија во земја на понижени работници, посиромашни граѓани и опасно задолжена држава. Таа посочи дека податоците на Евртостат се поразителни, бидејќи работниците во Македонија денес се на дното на Европа, со најниски плати и најнизок животен стандард.

„Наместо „горди работници“, имаме понижени луѓе кои со тешка мака ја преживуваат секоја недела. Над 70% од вработените живеат со плата под 500 евра. Средната класа исчезнува, а младите масовно заминуваат. Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема план, нема политика, нема решенија. Економијата оди надолу. СДСМ предложи зголемување на минималната плата – ВМРО-ДПМНЕ го блокираше предлогот. СДСМ предложи раст на платите во приватниот сектор – ВМРО-ДПМНЕ одби. За ВМРО-ДПМНЕ, работникот не постои. Додека функционерите на власт се гоштеваат со папаја и манго работниците се оставени сами“, рече Кузевска.

Кузевска потсети дека куповната моќ на граѓаните е срушена, дека во последните 12 месеци цените растат, а платите стојат, дека животот станува борба – не за подобра иднина, туку за еден оброк повеќе.

„Инфлацијата расте до над 4%, реалната куповна моќ падна за над 20%. И покрај економската катастрофа, Владата создаде долг од речиси 8 милијарди евра за само една година. Без план, без контрола, без капитални инвестиции. Пари земени во четири очи од приватни банки, без гаранции, без отчет. Македонија нема направено ваков долг ни во 35 години постоење! Во меѓувреме, фирмите чекаат со месеци поврат на ДДВ, државата должи стотици милиони. Економијата е заглавена, стандардот е срушен, народот е понижен“, рече Кузевска.

Таа порача дека „Со оваа власт најлошото допрва доаѓа“.

Зачлени се на нашиот е-билтен