СДСМ алармира: Министерството за правда ја саботира реформската агенда!

Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска, денеска на прес конференција истакна дека гласно алармираат за катастрофалниот за застојот на реформските процеси во нашата држава.

„Владата на ДПМНЕ, за жал, не престанува да демонстрира шокантна неподготвеност и целосно отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформска агенда, особено кога станува збор за судски реформи – од кои, како што знаеме сите , директно зависи квалитетот на нашиот живот. И, ова не само што го кочи секојдневното живеење, туку и директно ја компромитира нашата европска перспектива“, нагласи Чупеска.

Како одговорна опозиција, рече таа, СДСМ пружи искрена рака за соработка и државнички понудивме конкретна помош и сериозна експертиза за реализација на државните приоритети поврзани со реформскиот процес.

„Тоа, беше потврдено и на лидерската средба на нашиот претседател со премиерот, во април. Но, денес, одговорно тврдам дека наидовме на непробоен ѕид! Сведочиме, имено на недозволив недостаток на одговорност и срамно отсуство на соработка од владините институции, и, особено, сакам да нагласам од Министерството за правда. Оваа, сметаме дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони, и станува бесрамно видливо“, предупреди Ана Чупеска.

Чупеска посочи дека работната група, која таа ја предводела, по овластување од претседателот Филипче, работела исклучително посветено на законите.

„Но, ние се соочивме со перманентна нереспонзивност од Министерството за правда. Замислете, бевме упатени сами да ги обезбедуваме нацрт-законите од ЕНЕР, бидејќи Министерството одбиваше директна и суштинска соработка, односно размена на предлозите за кои постојано тврди дека ги разработува. Се прашуваме, дали воопшто постојат такви работни материјали“, рече потпретседателката на СДСМ. „И покрај ова неприфатливо и подмолно однесување, ние подготвивме и доставивме детални мислења и забелешки за јавно објавените предлози за закони, кои уредно ги архивиравме во Министерството“.

Чупеска посочи дека СДСМ има суштински и многу сериозни забелешки за овие решенија, а кои реле дека на прес конференцијата накратко ќе ја информираме јавноста за нив и дека анализите ќе бидат објавени на веб-сајтот на партијата за сите да може да ги видат и да ги консултираат.

„Нашите анализи откриваат шокантна реалност. На пример Законот за Судскиот совет открива поразителна слика, затоа што од препораките на оценската мисијата, на пример, цели 8 остануваат неадресирани, додека 3 се само делумно имплементирани. Законот за Судски совет, почитувани присутни, ваков како што е ставен на ЕНЕР создава правен хаос, бидејќи текстот е полуготов, но, и целосно неусогласен со други релевантни закони. Со други зборови, ова решение што го ставиле на ЕНЕР,  не е решение,  туку е проблем, бидејќи изобилува со конфузија, како околу изборот на членови на Советот така и околу низа други секвенци“, посочи Чупеска.

Таа додаде дека сè уште постои проблемот со терминот „истакнат правник“ и покрај сугестиите од оценската мисија, а сито така како посебно обскурна ја оцени сугестијата да се предлага „опозициско“ пополнување на места во советот, бидејќи со тоа де факто се признава дека останатите места ќе бидат веќе „политички договорени“.

„Ова е невидена хипокризија! Консеквентно, јасно е дека ова не е реформа, туку е фарса! Предложениот текст бара итни и суштински измени за да се постигне вистинска независност и кредибилитет на судството“, истакна потпретседателката на СДСМ.

За неа најапсурдното е што Владата не покажува ни најмала волја да ја урамнотежи независноста во трите гранки на власта, туку го прави токму спротивното, со што директно го нарушува уставниот поредок.

Чупеска соопшти дека за сето ова тие алармирале во делегацијата на ЕУ, и детално го известивме и амбасадорот на ЕУ, г-дин Рокас дека наводните законски решенија, почитувани, изобилуваат со суштински пропусти кои ги загрозуваат темелните демократски принципи.

„Дозволете да дадам уште еден пример за хаосот кој имаат намера да го создатат, предлагаат воведување на „тест за јавен интерес“ во Законот за слободен пристап до информации, а ова решение се чини дека има намера за фактичко прикривање информации, имено, отвора врата за самоволие и цензура, наместо транспарентност“, укажа Чупеска.

Чупеска се осврна и на измените на Законот за прекршоците, за кои рече дека е несфатливо што не се предвидени доволно мерки за намалување на сообраќајните прекршоци, ниту пак системска работа со несовесните возачи. Предлагачот се фокусирал само на пенали, што е целосно неефикасно, оцени таа

„Кај Законот за Јавното обвинителство, наместо да се заштити независноста на ЈО, се воведуваат решенија кои овозможуваат уште подиректно мешање на извршната власт. Дополнително, скратувањето на стажот за избор во повисоки позиции го сметаме за сериозен удар врз професионализмот, додека преопштите основи за разрешување на Јавниот обвинител разорно ја поткопуваат правната сигурност. Наместо да се зајакне улогата на Советот на ЈО како стручно тело и да се гарантира право на одбрана на Обвинителот, се нудат непринципиелни решенија“, рече Чупеска на прес конференцијата

ВО завршницата на своето обраќање потпретседателката на СДСМ рече дека тоа што е воочено изискува сериозна јавна расправа и дека претседател Венко Филипче, ќе ја иницира во својство на претседател на Националниот Совет за Евроинтеграции.

„Во меѓувреме, нашите анализи се јавно достапни на сајтот за цела јавност да може да ги види, а со тоа и сами ќе се уверите дека оваа Влада не е посветена на вистински реформи, туку нејзин фокус е контрола овозможена со популизам. И тука особена замерка имаме за Министерството за правда, кое како клучен ресор, одбива соработка, игнорира експертиза и систематски ја поткопува правната држава, а се занимава со сè само со реформи не“, нагласи Чупеска.

Таа рече дека за сите овие прашања СДСМ нема да молчи и дека ќе продолжи жестоко да се бори за вистински европски реформи, за независно судство и за држава во која владее правото, а не политичките пазарења.

Зачлени се на нашиот е-билтен