Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстранти во Кенија

Полицијата во Кенија употреби солзавец и водени топови за да ги растера илјадниците демонстранти кои се собраа низ целата земја по повод годишнината од антивладините протести од јуни 2024 година.

Тогаш, за време на насилните судири и упадот во парламентот, загинаа најмалку 60 луѓе.

Демонстрациите се одржуваат во најмалку 20 од вкупно 47 окрузи, вклучувајќи ги главниот град Најроби, Момбаса, Накуру и Кисуму, пренесува Би-Би-Си.

Во Најроби, клучните сообраќајници се блокирани, а пристапот до центарот на градот е строго контролиран.

На видео снимки штп ги објави кениската телевизија „Ситизен ТВ“ се гледа како пратеници брзо го напуштат парламентот.

Според Би-Би-Си, демонстранти се чини дека имаат за цел да стигнат до парламентот, одбивајќи ги обидите на полицијата да ги растера.

Парламентот претходно денеска ја прекина седницата поради недостиг на кворум, бидејќи пратениците не се појавија на дебатите.

Пратениците беа затекнати и во минатогодишните демонстрации, кога демонстрантите упаднаа во парламентот и ја запалија зградата.

Властите претходно им наредија на ТВ и радио станиците да ги прекинат директните преноси од протестите, во очигледен обид да го ограничат ширењето на информации за настаните.

Има и непотврдени извештаи за неколку лица кои се застрелани и повредени.

Како резултат на тековните немири и мерките за безбедност, многу училишта и бизниси денеска останаа затворени.

Зачлени се на нашиот е-билтен