Рама ја критикуваше политиката на Велика Британија поради депортирање во трети земји на луѓе чии барања за азил се одбиени

Албанскиот премиер Еди Рама денеска упати критики на сметка на политиката на Велика Британија поради депортирање во трети земји на луѓе чии барања за азил се одбиени.

Рама ја обвини владата на британскиот премиер Кир Стармер дека бара „центри за притвор на имигранти“ со тоа што врши притисок за „центри за враќање“ во трети земји за сместување на одбиените баратели на азил. 

Стармер потврди на самитот во Тирана минатиот месец дека Велика Британија е во разговори со други земји за таков план, но не кажа кои.

Рама во интервју за „Гардијан” потврди дека Албанија нема да биде дел од шемата „затоа што сме лојални на нашиот брак со Италија“, иако судот во Рим постојано ги блокира депортациите.

„Фактот дека ова не само што е замисливо, туку и дека се случува денес не е затоа што Кир Стармер или Риши Сунак направиле нешто скандалозно, туку затоа што земјата е во многу мрачна ситуација“, рече тој, објавија албанските медиуми.

Тој додаде дека дискурсот за мигрантите и барателите на азил што моментално преовладува во Велика Британија „би бил неприфатлив“ пред Брегзит.

Рама рече дека Стармер е „многу пристојна и прекрасна личност“ и јасно стави до знаење дека британскиот премиер јавно не побарал Албанија да се приклучи на шемата.

Според „Гардијан”, со претходната конзервативна влада во Велика Британија, Лондон и Тирана потпишаа заедничка изјава и формираа работна група за борба против нелегалната миграција, по што од Велика Британија повеќе од 1.000 албански граѓани беа вратени во земјата. 

Сепак, додава,  односите меѓу двете земји честопати беа затегнати поради реториката на политичарите за тоа како албанските баратели на азил „ја напаѓаат“ Велика Британија.

Зачлени се на нашиот е-билтен