На јунскиот Самит на ЕУ се фокусиравме на тоа како да обезбедиме посилна позиција за Европската Унија на глобалната сцена преку зајакнување на европската одбрана, зацврстување на партнерствата и зајакнување на конкурентноста на Европа, порача претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на прес-конференцијата одржана денеска нешто по полноќ, по завршувањето на средбата на шефовите на држави или влади за членките на ЕУ.
Кошта нагласи дека на ЕУ и е потребно зголемување на инвестициите во одбраната, ефикасност и фер распределба на товарот, за да изгради заеднички европски одбранбен систем што ќе ја одвраќа секоја агресија.
– Безбедноста на Европа е поврзана со безбедноста на Украина. Затоа продолжуваме да се залагаме за праведен и траен мир, а воедно го отвораме патот за членство на Украина во Европската Унија. Во врска со ова, нашата цел останува цврста и непроменета, потенцира Кошта.