Трагедија во Египет: Загинаа 19 работници, меѓу нив и тинејџерки од 14 години

Во тешка сообраќајна несреќа во северен Египет животот го загубија 19 работници, меѓу кои и тинејџерки на возраст од само 14 години, откако камион се судри со минибус кој ги превезувал до нивното работно место.

Несреќата се случила во раните утрински часови во петокот на регионален пат во градот Ашмун, во провинцијата Менуфија, северно од Каиро. Минибусот ги носел работниците од нивното родно село Кафр ал-Санабса кон работното место кога бил удрен од камион, соопштија локалните власти.

Според државниот весник Al-Ahram, голем дел од жртвите биле тинејџери, а медиумите во Египет трагично ги нарекоа „маченички за парче леб“.

Малолетнички труд – системски проблем

Во Египет, според официјалните податоци, над 1,3 милиони деца се ангажирани во различни форми на детски труд. Во руралните подрачја, тие често патуваат во пренатрупани возила, без соодветна безбедност, што ги прави особено ранливи на несреќи од ваков тип.

Само тројца преживеани

Според Министерството за труд на Египет, само три лица ја преживеале несреќата и се префрлени во Општата болница во Ашмун. Министерот за труд, Мохамед Гебран, најави дека семејствата на загинатите ќе добијат парична отштета од 200.000 египетски фунти (околу 4.000 долари), додека повредените ќе добијат по 20.000 фунти (400 долари).

Причината – веројатно брзо возење

Гувернерот на провинцијата Менуфија, Ибрахим Абу Лејмон, изјави дека причините за несреќата ќе се истражуваат, но првичните извештаи укажуваат на преголема брзина како можен главен фактор.

Оваа трагедија повторно го отвора прашањето за недоволната заштита на работниците, особено малолетниците, и потребата од посериозни контроли и безбедносни мерки во транспортот и вработувањето на деца во Египет.

Зачлени се на нашиот е-билтен