Денес, на денот кога е закажан големиот студентски протест под мотото „Се гледаме на Свети Видовдан“, полицијата го засили присуството и започна со запирање на возила што се упатуваат кон Белград. Бранков мост е целосно блокиран, а граѓаните сведочат за тешко прооден сообраќај и стриктни контроли на влезовите во градот.
Протестот, организиран од студентското движење, е закажан за 18:00 часот на плоштадот Славија. Според објавената програма, во 19:19 часот ќе се одржи 16-минутен молк во чест на 16-те жртви од неодамнешното уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Веднаш потоа, во 19:27, ќе се интонира националната химна.
Настанот ќе продолжи со неколку блока на студентски говори, свечено доделување на признанието „Црвен божур“, и ќе заврши во 21:20 часот. Токму во 21:00 е рокот што организаторите ѝ го поставија на Владата на Србија за исполнување на нивните барања. По тој термин, граѓанските иницијативи повикуваат на останување на плоштадот.
Дополнително, организирано е пристигнување со автомобили од повеќе делови на земјата, откако во петокот железничкиот сообраќај беше прекинат од страна на „Србијавоз“, поради наводни дојави за поставени бомби на сите пруги и во сите возови – информација што предизвика сомнежи за обид за спречување на масовното учество на протестот.
Покрај протестната програма, денеска во Пионирски парк ќе се одржи и литературна вечер под наслов „Студенти 2.0“, како дел од паралелните настани што го обележуваат денот.
Развојот на настаните ќе се следи во живо, додека студентите, со силна симболика и јасна порака, продолжуваат да бараат одговорност и промени.