Опозицискиот митинг, кој се одржа на плоштадот Славија во центарот на Белград, привлече околу 36.000 луѓе. Министерството за внатрешни работи на Србија го објави ова, нагласувајќи дека настанот не е официјално најавен, пренесува руски ТАСС.
„Според проценките на полицијата, присутни се околу 36.000 учесници – приближно ист број како што имаше на сличен настан од истите организатори на 22 декември 2024 година, и три пати помалку отколку на 15 март“, ја пренесува информацијата на полицијата руската државна агенција.
Масовниот протест во кој учествуваа студенти започна вечерта на 28 јуни. Како што објави дописникот на ТАСС, толпата го скандираше слоганот „Пумпа!“, користеше свирчиња и српски знамиња и универзитетски симболи. Демонстрантите бараат да се одреди датум за предвремени избори и да се распушти кампот на поддржувачи на српскиот претседател Александар Вучиќ пред парламентот, додава ТАСС.
Властите на Република Србија ги засилија безбедносните мерки пред очекуваните масовни протести во Белград на 28 јуни, кои се темпирани да се совпаднат со Видовден, еден од главните национални празници. Апсењата, извршени во пресрет на протестот, беа дел од поширока операција за спречување на можни обиди за дестабилизација на земјата, пишува ТАСС.
РИА новости пишува дека демонстрантите го блокираа плоштадот Славија во центарот на Белград и околните улици, барајќи предвремени избори во Србија.
Студенти и поддржувачи на опозицијата, 36 илјади луѓе, учествуваа во протестот.
Во Белград започнаа судири меѓу студентите кои протестираат и поддржувачите на опозицијата со полицијата, објави дописникот на РИА Новости.
Судирите започнаа во близина на два кордона на безбедносните сили – жандармеријата на улицата Краљ Милан и полицијата на улицата Кнез Милош, кои се наоѓаат веднаш до паркот и претседателската администрација.
Демонстрантите почнаа да фрлаат камења и петарди кон полицискиот кордон и да скандираат агресивни и навредливи пароли против властите.
Демонстрантите, исто така, безуспешно се обидоа да го блокираат кордонот на безбедносните сили со контејнер за ѓубре, пишува Риа Новости.
РБЦ потсетува дека српскиот претседател Александар Вучиќ на 21 јуни изјави дека земјата доживува најголем егзодус на млади луѓе во историјата, „повеќе отколку за време на Втората и Првата светска војна“.
Според него, илјадници студенти ја напуштиле Србија. Младите мигрирале во Словенија, Хрватска, Австрија и Унгарија. Сето ова се случило во екот на протестите по воведувањето вонредна состојба во Нови Сад, пишува РБЦ.