Вучиќ: Нема да потпишувам помилувања, Србија вчера победи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека нема да потпише помилувања или каква било аболиција за кривичното гонење на оние, како што рече, кои учествуваа во насилства.

Вучиќ најави дека ќе имало уште многу апсења, според него, поради нападите врз полицијата по протестот на студентите што „блокираат факултети“.


„Ова не е крај, лицата се идентификуваат, на тоа работи БИА“, рече Вучиќ.

Вучиќ денеска изјави дека „најважно е што Србија победи“

„Неа не можете да победите со насилства, таа не запре и нема да застане“, изјави Вучиќ и најави инфраструктурни проекти, патишта и отворање железнички делници.

Според него, најавата „имате зелено светло“ на крајот од вчерашниот протест во Белград е директен повик за граѓански конфликти и напади врз полицијата.

Тој ги повика надлежните обвинителства да си ја работат својата работа, и да не се преправале дека се неспособни и наивни. Доаѓа време на одговорност, почитувани граѓани, рече Вучиќ на прес-конференција’.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека синоќа по протестот се приведени 77 лица, од кои 38 се задржани.

Меѓу приведените има и едно малолетно лице. Против 35 лица ќе бидат поднесени кривични пријави, а против 26 лица ќе биде поднесено барање за прекршочна постапка.
Во акцијата на полицијата повредени се 48 полицајци, изјави Дачиќ на прес-конференцијата.

„Еден припадник на полицијата има тешки телесни повреди на главата. Голем дел од заштитната опрема е уништена или оштетена“, изјави Дачиќ на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен