ЕУ за настаните во Србија: Правото на мирни демонстрации мора да се почитува, а полициските акции да бидат пропорционални

Коментирајќи ги протестите и граѓанската непослушност низ цела Србија, Европската комисија оцени дека правото на мирни демонстрации мора да се почитува, а полициските акции мора да бидат пропорционални и да ги почитуваат основните човекови права.

Како што рече портпаролот на ЕК во писмен одговор до Радио Слободна Европа (RSE), Брисел внимателно ја следи ситуацијата во Србија и ги осудува „сите акти на омраза и насилство“.

„Правото на мирни демонстрации мора да се почитува. Полициските акции мора да бидат пропорционални и да ги почитуваат основните права, вклучително и правата на сите притворени лица. Очекуваме брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводите за прекумерна употреба на сила од страна на органите за спроведување на законот“, наведува Европската комисија.

Како што велат, тие очекуваат да се обезбеди фер судење за сите притворени на протестите.

„Основните вредности се во сржта на нашиот заеднички европски проект и мора да се почитуваат. Ова важи и за слободата на собирање како фундаментално право“, наведува Европската комисија.

Вишото јавно обвинителство во Белград на 30 јуни објави дека 10 од вкупно 30 осомничени лица се испрашани за напад врз полицијата и насилно однесување по протестот на 28 јуни на плоштадот Славија.

Дел од демонстрантите и полицијата се судрија во центарот на Белград по официјалното завршување на студентскиот протест.

Директорот на полицијата Драган Васиљевиќ на конференцијата по инцидентите изјави дека десетици лица се приведени и дека „употребена е минимална сила“.

Студентите во блокадата, опозицијата и невладините организации ги обвинија властите за прекумерна употреба на сила, додека невладиниот Белградски центар за човекови права на 30 јуни објави дека поднел кривични пријави против неколку непознати припадници на полицијата за незаконско однесување и прекумерна употреба на сила против граѓаните.

Во деновите по масовниот протест во Славија, граѓаните почнаа да организираат „мобилни блокади“ на неколку локации во Белград и бројни други градови во Србија.

Зачлени се на нашиот е-билтен