Известителката на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Србија, Викторија Тибло, по повод масовниот протест за Видовден во Белград, објави дека е „длабоко загрижена за ескалацијата на тензиите“ во земјата . Таа додаде дека жали што митингот завршил со судири меѓу демонстрантите и полицијата што го обезбедувала кампот на поддржувачите на владата.
Таа истакна дека по 15 март, во главниот град на Србија се одржа уште еден масовен протест на 28 јуни и дека околу 140.000 луѓе се собраа да бараат предвремени парламентарни избори.
„Жалам што протестот заврши со судири меѓу демонстрантите и полицијата што го обезбедуваше кампот на поддржувачите на владата, за време на кои полицијата употреби палки, штитови. Бев информирана дека се уапсени 77 демонстранти и дека десетици луѓе, вклучувајќи полицајци, се повредени“, објави Тиблом.
Таа повторно ги повика сите страни да ја смират ситуацијата, „да се воздржат од насилство и да се вклучат во конструктивен дијалог“.
„Секој извештај за непропорционална употреба на сила мора да биде истражен брзо и ефикасно, а одговорните полицајци мора да бидат повикани на одговорност“.
Тиблом објави дека е подготвена да отпатува во Србија и да разговара за сите тие прашања со властите преку постапката за надзор што ја спроведува ПССЕ.