САД претставуваат кибер закана за други суверени држави, вклучително и Северна Кореја, изјави денеска портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Кон крајот на јуни, американските власти обвинија четворица Севернокорејци за кражба на криптовалути и започнаа истрага.
Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг го нарече случајот уште една манифестација на непријателство од страна на Вашингтон и обид за оцрнување на имиџот на земјата.
Севернокорејските власти изразија загриженост поради „провокациите од страна на американските агенции за спроведување на законот“ што „ги кршат правата и интересите на граѓаните“ на Северна Кореја.
-Вистинската закана што го дестабилизира меѓународниот кибер простор ја создаваат САД, а не ние, соопшти Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг. „Соединетите Американски Држави, кои долго време го претвораат кибер просторот во бојно поле, постојано ја загрозуваат кибер безбедноста на суверените држави, вклучително и нашата земја, а истовремено ги злоупотребуваат прашањата за кибер безбедност како политичка алатка за дискредитирање на други држави, се додава во соопштението.