Фон дер Лајен: ЕУ ја продолжува суспензијата на царинските контрамерки кон САД

Фото: CC-BY-4.0: © European Union 2023– Source: EP

Европската комисија ќе ја продолжи суспензијата на контрамерките против САД до почетокот на август, како дел од обидите да се избегне воведување на нови американски царини, изјави денеска претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Реакцијата следи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од 1 август ќе стапат на сила царини од 30 проценти на сите производи од ЕУ и Мексико, доколку не се постигне договор за трговскиот спор. САД веќе испратиле официјално известување со најава за воведување на тие мерки.

„Во духот на преговори и со цел да се избегне ескалација, ќе ја продолжиме суспензијата на нашите контрамерки до почетокот на август“, рече фон дер Лајен, нагласувајќи дека Унијата останува посветена на пронаоѓање заемно прифатливо решение.

Првичната суспензија, воведена како одговор на царините на челик и алуминиум од страна на САД, требаше да истече на полноќ меѓу понеделник и вторник.

Во паралелна изјава, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, предупреди дека ЕУ располага со соодветни механизми за одбрана. Таа потсети дека Унијата има силна позиција, особено во доменот на услугите, каде што САД бележат значителен извоз кон Европа.

„Европа секогаш се стремела кон договор, но доколку тоа не е возможно, имаме алатки да ги заштитиме нашите интереси“, изјави Калас во интервју за францускиот „Трибјун Диманш“.

Според податоците на Советот на ЕУ, трговскиот суфицит на Европската унија со САД во 2024 година изнесувал околу 50 милијарди евра, што беше основа за оправдување на најновите мерки од страна на Вашингтон. Но, во доменот на услугите, ЕУ бележи дефицит од околу 150 милијарди евра, што според Брисел претставува значаен аргумент во тековните преговори.

Можните царини би можеле да погодат низа чувствителни индустрии во Европа, вклучувајќи ја автомобилската, фармацевтската, авиоиндустријата и винарството.

Фон дер Лајен нагласи дека, доколку не се најде решение до 1 август, Европската унија ќе биде подготвена да одговори со „пропорционални и целни контрамерки“, со цел заштита на економските интереси на земјите членки.

Зачлени се на нашиот е-билтен