Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа, во предвечерието на Денот на Бастилја, изјави дека „слободата никогаш не била толку загрозена“ од крајот на Втората светска војна во 1945 година како што е сега и „никогаш мирот на европскиот континент не зависел толку многу од непосредните одлуки“.
-Живееме во момент на превирања. Одамна ја разбравме нивната неизбежност, рече Макрон во своето традиционално обраќање до вооружените сили пред Денот на Бастилја.
„Никогаш порано мирот на нашиот континент не зависел толку многу од нашите непосредни одлуки“, додаде Макрон, наведувајќи ги „империјализмот и силите за анексијата“ како што е Русија, која започна војна против Украина во февруари 2022 година.
Меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна е сè повеќе оспорен и ослабен, и „бидејќи повеќе нема правила, преовладува законот на најсилниот“, рече Макрон.
Франција треба „да се соочи со толку многу предизвици за да остане слободна, господар на сопствената судбина“, додаде тој.
Во Франција, националниот празник, Денот на Бастилја, ќе биде одбележан денеска со традиционална воена парада на авенијата Шанзелизе, во Париз, објавија локалните медиуми, додавајќи дека парадата ќе се одржи во светлината на зголемените безбедносни мерки поради нестабилноста во светот.