Познато е како загина Феликс Баумгартнер: Трагичен технички дефект пресуди на легендарниот екстремен спортист

Легендарниот австриски екстремен спортист Феликс Баумгартнер трагично го загуби животот минатата недела во несреќа со параглајдинг над Јадранското Море, а денес е официјално потврдена и причината за смртта.

Иако првичните шпекулации сугерираа дека можеби се работи за срцев удар, истрагата открива дека несреќата настанала поради технички дефект — камера што била лошо прикачена на параглајдерот паднала врз пропелерот, кој потоа го удрил Баумгартнер во грбот. Ударот предизвикал фатални повреди на ‘рбетниот мозок и моментална смрт.

„Она што го знаеме со сигурност е дека Феликс Баумгартнер починал по ударот. Тој претрпел фрактури на долниот дел од ‘рбетот и тешки повреди на ‘рбетниот мозок,“ изјави јавниот обвинител Рафаеле Јанела за германскиот „Билд“.

Несреќата во Порто Сант’Елпидио

Трагедијата се случила во италијанското крајбрежно одморалиште Порто Сант’Елпидио. Според очевидци, Баумгартнер ја изгубил контролата врз леталото и се урнал во базен од хотел, каде што погодил жена која за среќа не е сериозно повредена.

Феликс починал на 57-годишна возраст, оставајќи зад себе импресивна кариера и траен белег во светот на екстремните спортови.

Љубов, живот и легенда

Неговата долгогодишна партнерка, Михаела Радулеску, изјави дека од почеток знаела дека не станува збор за здравствен проблем. „Феликс беше опседнат со здравјето и редовно се проверуваше. Немаа никакви проблеми со срцето. Му благодарам на обвинителството за нивната транспарентност. Сега конечно може да се врати дома во Австрија,“ рече Михаела.

Таа додаде: „12 години живеев со него и со неговите авантури. Тој беше посебен и секогаш ќе биде со мене. Ја чувствувам обврската да ја продолжам неговата приказна.“

Човекот што скокна од работ на вселената

Феликс Баумгартнер стана светски познат во 2012 година, кога скокна од стратосферата од висина од 38.969 метри, во рамки на проектот Red Bull Stratos. Со тој подвиг, не само што помести човечки и технолошки граници, туку и влезе во историјата како првиот човек што проби звучен ѕид во слободен пад.

Поранешен припадник на елитната единица на австриската армија, тој целосно ѝ се посвети на кариерата како професионален падобранец, BASE скокач и екстремен авантурист.

Зачлени се на нашиот е-билтен