По повод 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, потпретседателката на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на главниот град, Каја Шукова, упати емотивна порака до скопјани, потсетувајќи на значењето на солидарноста и заедништвото, се наведува во соопштението од СДСМ.
Шукова ја истакна истрајноста со која Скопје било повторно изградено и подвлече дека токму тие вредности треба повторно да ја водат обновата на градот.
„Скопје беше повторно изградено со срце, со волја и пред сѐ со солидарност. И токму заедништвото и искрената љубов кон градот се двете сили кои единствено можат да го водат овој град напред. Денес, ни се потребни повеќе од било кога“, рече Шукова.
Осврнувајќи се на изминатиот мандат на актуелната градска власт, таа ја обвини за неспособност и за, како што рече, потценување на граѓанските интереси.
„Скопје изминатите четири години беше силно погодено од неспособност, лични интереси и негрижа. Духот на Скопје се рушеше и обезличуваше секој ден, оставајќи ги скопјани немоќни пред партиските интереси“, изјави таа.
Во своето обраќање, Шукова вети дека, ако биде избрана, ќе ја води градската администрација со чесност и транспарентност, водејќи се исклучиво од јавниот интерес.
„Никогаш како градоначалничка нема да дозволам личните, партиските и било кои други интереси да го уништат градот. Ветувам дека во работата ќе ме водат двете сили кои во 1963 го издигнаа Скопје под рушевините – силата на љубовта кон градот и силата на заедништвото со секој од вас“, порача Шукова.
Таа ја заврши пораката со повик за нов почеток за градот што, како што вели, „преживеал најтешкото и заслужува повеќе“.
„Градот што го преживеа најтешкото, заслужува повеќе. Ние сите заслужуваме повеќе бидејќи го сакаме овој град. Скопје може подобро и ќе биде подобро. Затоа што Скопје сме сите ние. Време е да му дадеме нова сила. Време е да ги земеме работите во свои раце“, истакна Шукова.
СДСМ најавува изборна кампања која ќе понуди конкретни и остварливи решенија за проблемите на градот, со визија за урбано, солидарно и достојно Скопје.