Американската технолошка компанија Мета, која е сопственик на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, објави дека од октомври оваа година повеќе нема да дозволува политичко рекламирање на своите платформи во земјите од Европската Унија. Како причина, тие ги наведуваат премногу комплицираните и тешки за примена прописи воведени од ЕУ.
„Оваа одлука не беше лесна, но од октомври, Мета повеќе нема да прифаќа политички или изборни реклами, како и реклами што се однесуваат на општествено важни прашања, поради барањата на европските прописи што не можат да се спроведат“, објави компанијата.
Во соопштението се наведува дека новите правила за транспарентност на политичкото рекламирање во ЕУ носат сериозни оперативни тешкотии и правни двосмислености, поради што Мета ги смета барањата за „неприменливи“.
Европската регулатива за транспарентност и таргетирање на политички реклами (TTPA) има за цел борба против манипулацијата со информации и странското мешање во изборниот процес. Таа стапи на сила во април 2024 година, но нејзините клучни одредби ќе бидат целосно имплементирани од 10 октомври оваа година.
Според новите правила, секоја политичка реклама мора да содржи етикета за транспарентност, како и јасни информации за спонзорот, изборниот контекст, платената сума и користените методи на таргетирање.
Мета потсетува дека од 2018 година вовела алатки што овозможуваат поголема транспарентност во однос на политичкото и изборното рекламирање, вклучувајќи задолжителен процес на овластување за огласувачите и јавно достапна архива на реклами.
Сепак, компанијата истакнува дека новата регулатива носи „неодржливо ниво на сложеност и правна несигурност“ и за огласувачите и за платформите што работат во рамките на ЕУ. Поради овие ограничувања, како што наведуваат, корисниците во Европа ќе гледаат помалку релевантни политички реклами во иднина.
Мета ја објави оваа одлука кратко откако Google објави забрана за политичко рекламирање во Европа минатиот ноември, исто така повикувајќи се на новите правила на ЕУ.
Овие промени се однесуваат исклучиво на територијата на Европа.