Ле Пен за договорот со САД: „Франција под патриотска влада никогаш не би ги прифатила“

Фон дер Лајен ја оцени спогодбата како добра и нагласи дека ЕУ и САД договориле целосно укинување на царините за некои производи.

Спротивно на ова, опозицијата во Франција го критикува договорот, кој вчера беше објавен од американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Лидерката на крајната десница „Национален собир“ Марин Ле Пен го нарече договорот „политички, економски и морален неуспех“. Таа ја обвини Европската комисија дека прифатила нерамноправни клаузули и дека „Франција под патриотска влада никогаш не би ги прифатила“.

Според неа, станува збор за „безусловна капитулација на француската индустрија и на енергетскиот и воениот суверенитет на земјата“.

И крајната левица го дели истото мислење.  – Му попуштивме на Трамп во сè – царини, обврзувачки набавки, дури и 5 отсто данок врз БДП, изјави лидерот на „Непокорна Франција“, Жан-Лук Меланшон.
Генералниот секретар на Социјалистичката партија, Пјер Жуве, изјави дека договорот ја прави Европа вазал.
„Треба ли да бидеме среќни што ни наметнале ‘само’ 15 отсто царини? Урсула фон дер Лајен жртвуваше работни места, индустрија и животна средина, ветувајќи 600 милијарди долари инвестиции и купување американски течен гас“, рече тој.

Спогодбата предвидува царина од 15 отсто на европските производи и обврска на ЕУ да купи енергенси од САД во вредност од 750 милијарди долари и дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен