Децении наназад, американското воено присуство во Германија беше основа на американските глобални операции и столб на европската одбрана. Меѓутоа, сега, додека Вашингтон подготвува нова проценка за позиционирањето на своите трупи, официјални лица во Берлин се сè повеќе загрижени што тоа ќе значи за нив, објавува Politiko.
Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, отпатува во Вашингтон со цел да се осигура дека Германија ќе биде информирана за американските планови. По средбата со американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, Писториус јасно стави до знаење дека Берлин очекува промени во односот на САД кон Европа.
„Почнав пред две години да нагласувам дека ќе стане јасно дека Американците на крајот ќе бидат помалку присутни тука. За сега, ние во Европа можевме да сметаме на поголема нивна ангажираност, но мораме да сфатиме дека тие имаат и свои интереси – во Индо-Пацификот и во обезбедувањето на морските трговски патишта,“ рече Писториус.
Сепак, не постои јасност што точно значи „помалку“ во пракса. Германските власти се надеваат дека ќе бидат дел од координираните напори, но засега немаат добиено конкретни ветувања за плановите на САД, ниту за временскиот период на тие промени.
Загриженост имаат и другите сојузници во НАТО. Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, во обид да смири ситуацијата, изјави дека постојат „дневни разговори со нашите сојузници за овој процес“ и дека „нема да има изненадувања или празнини во стратешкиот европски рамки“.
Во срцето на оваа ситуација е „Глобалниот преглед на распореди на сили“, опсежна проценка што ја води Пентагон за позиционирањето на американските трупи ширум светот. Целта е американските сили да се прилагодат на новите глобални приоритети, особено поради растечките тензии во Индо-Пацификот и притисокот за намалување на трошоците за одбрана во странство. Коначниот извештај се очекува да биде објавен до септември.
За Европа, ова би можело да значи значително намалување на бројот на американски војници. Во февруари, Хегсет јасно порача дека „сега е време да се инвестира во сопствените армии, бидејќи не треба да се смета дека американското присуство ќе трае засекогаш“.
Германија е домаќин на најголем број американски војници во Европа, со околу 35.000 распоредени во 35 општини, вклучувајќи ги и важните бази Рамштајн и Графенвер.
Американското воено присуство во Германија долго време било клучен дел од националната безбедност и стратешки интереси. Но, според експертите, овие бази не се само за европска одбрана, туку и за проектирање на воена моќ на Блискиот Исток и Африка.
Една од веројатните последици од новиот преглед е повлекување на околу 20.000 американски војници што беа распоредени во Европа во 2022 година како реакција на руската инвазија на Украина.
Во моментот, бројот на американски војници во Европа варира помеѓу 90.000 и 100.000.
Германија засега се обидува да ја задржи американската воена поддршка и подготви амбициозен план за зголемување на буџетот за одбрана од 86 милијарди евра во 2025 на 153 милијарди до 2029 година, со што ќе се исполни целта од 3,5% од БДП што ја постави НАТО.
Сепак, се чини дека конечната одлука зависи од Вашингтон, а Берлин само се обидува да го ублажи ударот и да обезбеди транспарентен и постепен процес на евентуално намалување на американското присуство.