Израел втор ден дозволи воздушна помош во Газа, а влегуваат и повеќе камиони

 Во Појасот Газа денеска беше доставена хуманитарна помош од воздух, втор ден по ред, при што околу 20 палети храна беа спуштени со падобрани во блокираната крајбрежна област, соопшти израелската војска.

Пред воздушните пратки во појасот влегоа уште 180 камиони со помош, соопшти COGAT, израелската воена власт одговорна за одобрување и координирање на транспортот на помош, на X.

Околу 120 камиони вчера влегоа во Газа, што беше првпат по повеќе месеци Израел да дозволи голем влез на помош во Газа.

Доставувањето помош по воздух беше реализирано во соработка со Јордан и Обединетите Арапски Емирати, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ), и беше наменета за јужна и северна Газа.

„ИДФ ќе продолжи да работи на подобрување на хуманитарниот одговор во Појасот Газа, заедно со меѓународната заедница, побивајќи ги лажните тврдења за намерно изгладнување во Газа“, напишаа на својот Телеграм канал.

Голем дел од меѓународната заедница беше огорчена од бројните фотографии на изгладнети жители на Газа и извештаи за десетици смртни случаи поради глад.

Испораките се итно потребни за цивилното население во Газа, за кое хуманитарните организации велат дека се соочува со невидени нивоа на глад во екот на израелска воена кампања во Појасот Газа.

Координаторот за итна помош на ОН, Том Флечер, за Би-Би-Си изјави дека „доста храна“ била донесена во Газа во неделата, но додаде дека „голем дел од неа бил ограбен“.

Иако го поздрави новиот прилив на помош, тој рече дека испораките се „капка во океанот“ во споредба со она што е потребно, нагласувајќи дека следните неколку дена се од суштинско значење за благосостојбата на жителите на Газа.

Меѓународните хуманитарни агенции ги сметаат воздушните пратки за неефикасни и скапи поради релативно малите количини испорачани и неизвесната ситуација во областа, особено во споредба со транспортот на помош со камиони.

Дополнително, постои ризик луѓето на терен да бидат повредени од палетите што паѓаат. 

Зачлени се на нашиот е-билтен