Владата денеска на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија донесе одлука за отворање на генерален конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион.
– Граѓаните мора да имаат брз и ефикасен сервис и услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски. Владата продолжува со конкретни мерки и политики кои имаат за цел да ја потврдат вистинската грижа за подобрување на стандардот и враќање на довербата на граѓаните во институциите, соопштија од Владата.
Генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора, и ќе работи во целосна координација со Амбасадата во Тирана. Неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка во поширокиот регион.