Дуа Липа доби косовско државјанство

Фотографија од Фејсбук страницата на Вјоса Османи
Фотографија од Фејсбук страницата на Вјоса Османи

Светски познатата пејачка Дуа Липа доби косовско државјанство. На 31 јули таа беше примена од косовската претседателка Вјоса Османи, кој ѝ додели државјанство на пејачката со претседателски декрет, објави Коха.

„Добредојде дома, Дуа! За мене е посебна чест што денес, со претседателски декрет, ѝ доделувам државјанство на Република Косово на Дуа Липа, една од најважните културни и уметнички личности во историјата на нашата земја“, напиша Османи на Фејсбук.

Таа рече дека Косово секогаш ќе биде гордо на пејачката.

„Дуа и Косово отсекогаш биле неразделни. Таа била и продолжува да биде еден од најмоќните гласови на најголемите светски сцени, создавајќи историја со своите достигнувања и станувајќи инспирација за милиони луѓе низ целиот свет. Нашата благодарност е бескрајна за сè што Дуа направила и продолжува да прави за Косово, за нашата младина, за нашата уметност и за меѓународниот имиџ на нашата земја“, напиша Османи.

Липа е во Косово, каде што ќе учествува на фестивалот „Сани Хил“. Таа ќе настапи денеска на првата вечер на фестивалот.

Зачлени се на нашиот е-билтен