Кремљ денеска го потврди распоредот за очекуваната средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, која ќе се одржи во воената база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ, Алјаска. Разговорите ќе започнат во петок околу 11:30 часот по локално време (21:30 по македонско време), а главна точка на агендата ќе биде војната во Украина, потврди советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
По официјалните консултации, двајцата лидери ќе одржат заедничка прес-конференција. Руската делегација ќе ја предводи Ушаков и ќе вклучува високи функционери, меѓу кои министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белоусов, министерот за финансии Антон Силуанов и Кирил Дмитриев – главниот преговарач на Кремљ за односите со САД.
Ова ќе биде прва лична средба меѓу Трамп и Путин откако Трамп ја презеде функцијата во јануари и прва по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Меѓутоа, средбата предизвикува загриженост кај Киев и европските сојузници на Украина, поради стравувањата дека би можела да доведе до договор кој би вклучувал територијални отстапки за Русија – сценарио што Украина јавно го отфрла.