Американската вселенска агенција НАСА планира постепено да се повлече од климатските истражувања и да ги насочи своите ресурси кон истражување на длабоката вселена. Ова го потврди в.д. администраторот Шон Дафи, нагласувајќи дека примарната цел на агенцијата е „експлорацијата на космосот“.
„Нашата работа ќе биде насочена единствено кон истражување. Затоа постои НАСА – да ја истражува вселената,“ изјави Дафи за Fox Business.
Најавата се совпаѓа со новиот предлог-буџет на администрацијата на Доналд Трамп, кој предвидува драстични кратења во научните програми на агенцијата – дури 47% помалку средства, при што Земјините науки би изгубиле повеќе од половина од буџетот. Со тоа под знак прашалник се ставаат околу 40 актуелни и планирани мисии, вклучувајќи проекти за мерење на нивото на океаните, јаглеродниот циклус и движењата во атмосферата.
Дафи се повика на наследството на Аполо мисиите и ја поврза иднината на НАСА со Артемис програмата, чија цел е враќање на луѓето на Месечината и подготовка за летови кон Марс. Според него, климатската наука може да ја преземат други агенции, додека човечкиот вселенски лет останува единствена задача што ја исполнува само НАСА.
Но научната заедница реагира со загриженост – дел од персоналот веќе добил известувања дека нивните работни места би можеле да бидат загрозени доколку Конгресот ги одобри предложените кратења.
Судбината на климатските мисии ќе зависи од законодавците, кои треба да одлучат за финансирањето на агенцијата со новиот буџет што стапува во сила од октомври.