Бујар Лума во „Интеркултура“: Наместо државничка, имаме примитивна и арогантна партиска политика

Во шорткастот „Интеркултура“ на ИМА, гостин на Роберт Алаѓозовски е Бујар Лума, основач и директор на Центарот за балканска соработка Лоја од Тетово, една од највлијателните невладини организации во земјата во полето на интеркултурализмот. Тие разговараа за причините за етничкиот јаз и интеркултурните политики, нападите кон невладиниот сектор, како и за политичките состојби во земјата и во регионот.

Посочувајќи го примерот на „Лоја“ која речиси три децении работи успешно со мешан тим и опфаќа млади од различни припадности во активностите, Лума истакнува дека клуч за добри интеркултурни политики се интеркултуралноста во самите организации и долгорочните политики. Сепак, тој не гледа таков пристап кај политичарите и институциите, кои се водат од краткорочни интереси и придобивки.

„Ние работиме на еден проект, кој е воспоставање на учење за мир, кој е воспоставен сега во шест универзитети во Македонија. На самиот почеток, ние сакавме овој проект да иде преку Министерството. И се сеќавам на состанокот, имаше таква одбивност према проектот и се мислев зашто тоа е така. После разбрав дека во суштина е ради тој нивен краткорочен интерес. Ако не е нешто што им служи на кратки стази, за брза придобивка на политичката елита, мислам дека тие не гледаат некоја вредност во таа работа“, смета Лума.

Во однос на омразата и предрасудите, тој укажа дека во сржта на проблемот е образованието. „Ние имавме истражување, зашто толку омраза, толку стереотипи, предрасуди. И, ако гледате, нашите институции – и државни институции и образовни институции, имаат некој мултикултурен пристап, не толку интеркултурен пристап… нашето истражување покажа дека во суштина, креатор на тие предрасуди и во сржта на проблемот, стои образованието. Таму, во тие скриени курикули, таму се ствараат предрасуди, таму се ствара тој јаз помеѓу тој кој е поинаков од тебе“, посочи Лума.

Правејќи споредба меѓу нашите политичари и институции со стабилните демократии, тој оценува дека разликата е во недостатокот на државничка политика. Наместо тоа, кај нас има партиска политика која е краткорочна, примитивна и арогантна.

„Кај нас многу малку има државничка политика. Има вешта партиска политика која е краткорочна и е многу примитивна, многу арогантна, за разлика од држави кои се стабилни демократии, и тука ти ја гледаш таа државничка политика. Тие ги гледаат истите интереси и кога самите тие не се тука да одлучуваат“, смета Лума.

Во однос на недовербата и нападите кон невладиниот сектор, според Лума, и покрај тоа што владините и партиските структури гледаат пократкорочно од здруженијата на граѓани, и невладиниот сектор има слабости и треба да се преиспита.

„Ние некако станавме елитистички организации и мислам дека често збориме со јазик кој не се разбира од масите. И токму овој наш пристап, партиите и државните структури – кои секако гледаат со недоверба не само кон нас, него кон сè што тие не можат да го контролираат – значи, го користат, таа наша слаба точка“, оцени Лума. Воедно, тој изрази загриженост дека „целиот невладин сектор е под хибриден удар на не само структурите од партиите, туку и пошироко од структури од регионот и светски рамки“.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во гостувањето на Бујар Лума од Центарот за балканска соработка Лоја во видео шорткастот „Интеркултура”.

Зачлени се на нашиот е-билтен