Американски адвокат на име Марк Стивен Цукерберг од Индијана поднел тужба против Фејсбук, тврдејќи дека неговиот профил повеќепати бил суспендиран под изговор дека „лажно се претставува како позната личност“. Адвокатот, кој работи во правото 38 години, вели дека неговиот акаунт бил блокиран пет пати во последните осум години, при што изгубил илјадници долари.
Во тужбата се наведува дека компанијата Мета, сопственик на Фејсбук, го прекршила договорот бидејќи тој платил 11.000 долари за рекламирање кое било неправилно отстрането. Адвокатот тоа го споредил со плаќање за огромен билборд, кој потоа бил покриен со голема церада – без да се добие корист од платеното.
Фејсбук призна дека направил грешка, го врати профилот и најави мерки за спречување на слични ситуации во иднина. Сепак, за адвокатот тоа не е доволно, па тој покренал и веб-страница за следење на сите забуни што произлегуваат од неговото име.
„Јас сум Марк Стивен. Тој е Марк Елиот“, појаснува адвокатот за разликата со основачот на Фејсбук.