Азов: Ослободивме уште едно село во Доњецк

Украинските сили го ослободија селото Панкивка во секторот Добропилја во регијата Доњецк, објави Првиот корпус „Азов“ на Националната гарда на Украина на Фејсбук, пренесува Kyiv Independent.

Во текот на минатиот месец украинските сили успешно ја вратија контролата над селата во овој регион, по напредувањето на руските единици речиси 10 километри кон стратешкиот автопат Добропилја – Краматорск, близу градот Покровск, кој е под постојани напади. Операцијата за ослободување на населеното место ја изведоа заеднички припадници на украинската армија и Националната гарда.

Во меѓувреме, руските сили продолжуваат да ги зајакнуваат своите позиции во регионот, поради што Украинците беа принудени да испратат дополнителни резерви во зоната под контрола на Првиот корпус „Азов“, кој се состои од четири пешадиски бригади и една единица маринци. Украинските одбранбени сили вложуваат максимален напор за да го спречат продорот на непријателот и пробивањето на својата одбранбена линија.

Оваа вест доаѓа во време на се почести контранапади на украинската страна, која речиси две години држи стратешка одбранбена позиција долж источниот фронт. Во септември Украина го ослободи и селото Зариќне, а порано истиот месец единицата 425. јуришен пук „Скела“ ослободи и селата Новоекономично и Удачно во областа Покровск.

Летната офанзива на Москва беше насочена кон областа Доњецк, каде што руските диверзантско-разузнавачки групи привремено влегле во Покровск пред да бидат истиснати. Рускиот напад се смета за обид за зајакнување на преговарачката позиција на Кремљ, додека американскиот претседател Доналд Трамп активно се обидува да посредува во наоѓањето решение на конфликтот.

Командантот на украинските сили, Олександр Сирски, на 7 септември изјави дека во август Украинците повторно воспоставиле контрола над површина од 26 квадратни километри околу градот Покровск.

Зачлени се на нашиот е-билтен