Европските јавни обвинители денеска подигнаа обвинение против шест лица осомничени дека биле дел од криминална мрежа која со години ја преплавувала Европската унија со нелегално увезена кинеска стока. Во рамки на истрагата, Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO) заплени 2.435 бродски контејнери во грчкото пристаниште Пиреја – што претставува најголема ваква заплена во историјата на Унијата, објави Политико.
Огромна финансиска штета
Шемата за избегнување на антидампинг царини на увоз од Кина траела најмалку осум години. Според проценките на EPPO, буџетите на земјите-членки и на Унијата се оштетени за околу 350 милиони евра неплатени царини и дополнителни 450 милиони евра изгубен ДДВ. Контејнерите, кои пристигнувале во пристаниште под мнозински удел на кинеската државна компанија COSCO, биле најмногу натоварени со електрични велосипеди, текстил и обувки.
Европските обвинители во Атина подигнаа обвинение против двајца царински службеници за повеќекратно лажно заверување документи, со што овозможиле царинска измама и нанеле штета на буџетот на ЕУ. Освен нив, обвинети се и четворица царински посредници за учество во измамата и поттикнување на лажно заверување.
Операција „Калипсо“ и пораката на Ковеси
Истрагата под кодното име „Калипсо“ била насочена кон криминални мрежи кои го контролирале целиот процес – од увозот на стоката од Кина, преку дистрибуцијата низ земјите-членки, до избегнување на царини и големи измами со ДДВ. Приходите од нелегалните активности биле перани и пренесувани назад во Кина. Мрежите, според EPPO, главно ги контролирале кинески државјани.
„Овие високоорганизирани криминални мрежи со години се специјализираа во вакви измами“, изјави европската главна обвинителка Лаура Кодуца Ковеси.
„Операцијата ‘Калипсо’ им испраќа јасна порака на овие криминалци: правилата се сменија и повеќе нема безбедни засолништа. Сега мораме овој спектакуларен успех да го претвориме во систематска работа. Ни се потребни посветени и специјализирани полициски, царински и даночни истражители низ целата зона на EPPO“, додаде таа.
Содржина вредна 250 милиони евра
Запленетите контејнери во моментов се подложени на проверка, што претставува огромен логистички предизвик и безбедносен ризик за царинските службеници во Пиреја. Иако грчките власти досега отворија само мал дел од нив, се проценува дека вредноста на стоката е околу 250 милиони евра.
Најмалку 500 контејнери биле полни со електрични велосипеди, од кои 360 воопшто не биле пријавени на царина. Според истражителите, вообичаената практика на криминалните организации била стоката да се лажно пријавува и да се потценува.
На база на досегашните наоди, во просек биле пријавувани само 10 до 15 проценти од вистинската количина електрични велосипеди во секој контејнер. Само од оваа шема, проценетата штета за буџетот на ЕУ изнесува најмалку 25 милиони евра од неплатени царини и уште 12,5 милиони евра од изгубен ДДВ.