АХВ започна со вакцинација на лисици против беснило – граѓаните да внимаваат во природа

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 15 септември ја започна есенската кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивори против беснило, која ќе трае до крајот на месецот.

Вакциналните мамки се фрлаат од авион на целата територија на државата (освен населени места, водни површини и планински врвови над 2.000 метри), а оваа година ќе бидат дистрибуирани околу 450.000 мамки. Акцијата се реализира со финансиска поддршка од Европската здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA), во вредност од 2,5 милиони евра за трогодишен период.

Од АХВ апелираат граѓаните да не ги допираат мамките, кои се кафени и личат на чоколадни коцки, со мирис на риба што ги привлекува лисиците. Во случај на контакт со вакциналната капсула, задолжително е миење на рацете, а при повреда – итна лекарска помош.

Истовремено, сопствениците на домашни миленици се советуваат да ги шетаат кучињата на поводник за да се избегне контакт со мамките. Од АХВ посочуваат дека тие не се штетни за кучињата и мачките.

Три недели по завршувањето на акцијата ќе се спроведе поствакцинален мониторинг, со соработка со ловните друштва.

Ова е прва есенска вакцинација по три години пауза – последната беше во 2022 година. Во Македонија последен случај на беснило кај домашно животно е регистриран во 2012 година кај мачка во Радовишко.

Зачлени се на нашиот е-билтен