Утре протест пред МВР: Ниту една повеќе!

Утре, 18 септември со почеток во 17:30 часот, „Стела“, граѓанска организација за подобар пристапот до високо образование и економско зајакнување за жените и девојките во Северна Македонија, повикува на протест под наслов „Ниту една повеќе!“ пред МВР во 17:30 и на блокада пред Жена Парк Борец 18:00 часот. Протестот е против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита. 

Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите, укажуваат од „Стелас“.

Дополнително, покрај сериозната некоординираност и затајувањето на институциите надлежни за справување со насилството врз жените, кон фемицидите придонесува и молкот, родовите стереотипи и дискриминацијата, стигмата, срамот и немањето чувство за колективна одговорност. Вртење на главата на страна кога сме сведоци на насилство и ставот дека „тоа не е наша работа“ се уште еден показател за тоа колку сите придонесуваме насилството не само да се случува постојано, туку и да ескалира, а насилниците да продолжат да живеат слободно и да просперираат.  

Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени. И покрај пријавите за насилство и заканите по живот од поранешни или сегашни партнери, напорите на сите убиени жени за да живеат безбедно и слободно не биле слушнати. 

Во последните години, фемицидот во земјава останува црна статистика која предупредува на системски пропусти и општествена рамнодушност. Според достапните податоци, само во последните пет години изгубивме најмалку 20 жени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство. Во ваква средина,секоја жена што во моментов се соочува со вознемирување, насилство, закани и/или демнење го носи ризикот да стане жртва на фемицид доколку институциите не постапат навремено во нејзин интерес и заштита.

Во 2023 година, С. Македонија ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинираше и криминализираше фемицидот, осакатувањето на женските гениталии, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот, при што С. Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.

Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите и поддршка од заедницата. Токму затоа нашата заедничка реакција, повикот на протест и барањата се насочени кон четири области:

1. Институционална одговорност и санкции

  • Итни оставки и дисциплински постапки: Бараме оставки на одговорните службени лица и покренување дисциплински постапки против полицајци, обвинители, судии и центри за социјална работа кои не постапиле по пријавите за насилство и закани во овој и слични случаи.
  • Независна истрага: Бараме формирање независна истрага за институционалните пропусти во случајот. Јавното обвинителство мора да открие кој дозволил кршење на издадени мерки за заштита и зошто не биле спроведени постоечките протоколи.

2. Специјализирани механизми за заштита на жените

  • Задолжителни протоколи: Да се воспостават и јавно објават обврзувачки протоколи за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судството за постапување по пријави за насилство и закани, со јасни рокови и одговорности.
  • Зголемени ресурси и капацитети: Да се обезбедат повеќе средства, персонал и обуки за центрите за социјална работа, полицијата и судството со цел да се обезбеди навремена заштита. Протоколите мора да предвидат санкции за службените лица кои не постапуваат.

3. Законска рамка и стратегии за превенција

  • Имплементација на законите за фемицид: Иако фемицидот е веќе дефиниран како кривично дело, бараме целосна имплементација на одредбите преку континуирана обука за судии, обвинители и полиција, со фокус на родово чувствителна судска практика.
  • Стратегија и акциски план: Да се развие национална стратегија за превенција и заштита од фемицид со јасни индикатори, механизми за следење и наменска буџетска линија. Стратегијата треба да опфати програми за едукација, рана интервенција и реинтеграција.

4. Општествена одговорност и јавен притисок

  • Прекинување на заштитата на насилниците: Бараме политичките партии, бизнисите и медиумите да запрат со директна или индиректна заштита на сторителите. Користењето лични врски за избегнување на одговорност мора да престане.

Јавни протести и солидарност: Го поддржуваме организирањето јавни протести и собири за да се покаже дека женските животи не се преговарачка валута. Граѓаните, организациите и медиумите се повикуваат да се приклучат и да бараат системски промени, порачуваат од „Стела“.

Зачлени се на нашиот е-билтен