Ексклузивни снимки на ИРЛ: „Ноќта кога Кочани затаи“

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави видео со ексклузивни, досега необјавени снимки и документи од истрагата за трагичната ноќ во Кочани, во која млади животи беа изгубени или засекогаш променети. Материјалот, како што велат од редакцијата, не е само хроника на болка, туку досие за тоа како инспектори, обвинители и политичари „потфрлиле во должноста да заштитат“.

ИРЛ го брани тајмингот на објавата во среде изборна кампања со јасна теза: „Знаеме што ќе кажат: ‘Се мешате во избори’. Ние велиме: ‘Да, тоа ни е работа. Ова не е политика. Ова е новинарство’“. Според редакцијата, токму кампањата е моментот кога „реалноста на обичните луѓе и нивните проблеми“ мора да влезе во јавната дебата за да постои вистински избор, наместо „скап спектакл на празни ветувања и лажен имиџ“.

Видеото, најавено на YouTube, ветува реконструкција на критичните часови со службени документи и визуелни докази, поставувајќи прашања за одговорноста по вертикала – од теренските процени и надзорот, до обвинителските одлуки и политичката рамка во која тие се носеле. „Граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината пред да го дадат својот глас,“ порача ИРЛ, додавајќи дека без „колективна саморефлексија“ општеството не може да се движи напред.

Редакцијата го формулира и повикот до институциите: транспарентно да ги отворат постапките, да ги соопштат наодите и да ја лоцираат службената одговорност, ако таа постои. Во спротивно, велат, ќе остане впечаток дека трагедијата била „уште една ноќ кога системот ја исклучил светилката“.

Зачлени се на нашиот е-билтен