Бегај потпиша уредба за спроведување вонредни избори за градоначалници во 6 општини, вклучително и Тирана

Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, попладнево потпиша уредба, со која на 9 ноември, ќе бидат спроведени вонредни избори за градоначалник во шест општини, вклучувајќи ја и Тирана.

Тоа откако вчера премиерот Еди Рама официјално испрати допис до него, со кое го информира дека општините Тирана, Валона, Берат, Мат, Церик и Тепелена, се без градоначалници и бара определување датум за вонредни избори.

Преку соопштение за медиумите, Бегај ја разјасни и правната позиција во врска со изборите во главниот град, иако поранешниот градоначалник на Тирана, Ерион Велиај, поднесе жалба до Уставниот суд.

– Слободните места во општините Валона, Берат, Мат, Тепелена и Церик се поради оставка на градоначалниците, додека слободното место во Општина Тирана е поради разрешувањето на градоначалникот од страна на владата, по предлогот на Советот на општина Тирана, кој, со мнозинство гласови, донесе одлука за тоа, стои во соопштението.

Според Бегај за да го разреши градоначалникот Ерион Велиај, владата се повикала на член 115 од Уставот каде стои дека тоа може да го направи поради „непојавување на функцијата непрекинато во период од 3 месеци“.

Исто така, според Бегај, нема суспензија на одлуката за разрешување од страна на Управниот суд, кој е надлежен за тоа.

Велиај (46) кој е под обвинение од СПАК, за корупција, перење пари, па дури и чување нелегални предмети во ќелијата за време на притворот, беше уапсен на 10 февруари од кога е во затворски притвор

Беше разрешен од функцијата градоначалник на Тирана на седница на Советот на општината, на 23 минатиот месец, по што одлуката ја потврди и владата. Тој достави барање за оценување на уставноста на одлуката за негово разрешување до Уставниот суд, кој го прифати и закажа расправа. 

Зачлени се на нашиот е-билтен