Негрижата ја сруши спомен-куќата на писателот Владо Малески, авторот на македонската химна

Малески

Веста дека е срушен домот на Владо Малески во Струга. кој има статус на поединечно заштитено добро, и е регистрирана како спомен-куќата на Владо Малески, првоборец од НОБ, писател, автор на македонската хиимна и еден од основачите на Друштвото на писателите, предизвика бурни и оправдани реакции на јавноста.

Од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид информираат дека денес лица од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека рушењето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи, кои се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола. Од страна на НУ Завод и музеј Охрид е изготвен Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата.

Во меѓувреме, инвестирот на градежните работи на соседниот објект кој го предизвика рушењето, ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата на Владо Малески.

Рацин.мк стапи во контакт со Денко Малески, синот на Владо Малески, кој вознемирен од веста не упати на неговиот текст објавен денеска на порталот Либертас.мк, каде што вели:

Денес ја гледам сликата од разрушената куќичка и бистата на Кузман Јосифовски-Питу, над која надвиснале урнатини. Куќичка е споменик, на НОБ и на Кузман Јосифовски-Питу, колку на стружанецот Владо Малески, избран за секетар на партискиот комитет за Струга, токму на тој состанок. Дури и во време кога парите се најважни, некои поинакви луѓе би ја вклопиле некако куќичката-музеј во новиот амбиент, ама не и ние. Како да ни е гајле за се што се случувало пред нас. Ама и таквиот однос има цена. Затоа, еве ги зборовите на предупредување кои ми ги има кажано татко ми Владо Малески, зборови врз кои толку пати сум се замисли. Рече: „Без нашето дело, тонете длабоко, да знаеш“.

За рушењето на едно од најголемите културни наследства на градот, спомен куќата на писателот Владо Малески, авторот на македонската химна, известија и реагираа од ОО СДСМ Струга. Ги повикуваа сите надлежни институции во најкраток можен рок да го истражат случајот и да ги изведат пред лицето на правдата сите оние кои денес си зедоа за право да избришат дел од културното наследство на Струга.

„Овој чин ја поткопува довербата во институциите. Нерасчистувањето на ова културно злосторство ќе покаже дека има поединци и групи кои се над законите, над сè она што е наследство. Струга отсекогаш ја негувала културата, Струга е градот со кој жителите се гордеат со своите културни дејци, Струга ја чува културната меморија, и така сакаме да продолжиме. Затоа, во име на стружани, бараме итно постапување и одговорност. Нема да дозволиме овој нецивилизациски чин да биде ставен во дневнополитички наратив, затоа што Малески е многу повеќе од тоа.“ стои во соопштението.

Министерството за култура и туризам денеска доцна попладне, во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“  бр.  16 во Струга,  информира дека  министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки.

Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029.

При увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.

НУ Завод и музеј – Охрид го достави наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.

Инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..

Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава.

Останува мистерија зошто во соопштението на Министерството за култура името на писателот и автор на македонскста химна, првборец од НОБ, не се споменува.

Зачлени се на нашиот е-билтен