Ерхурман со 62,8% го порази Татар: шанса за рестарт на кипарските преговори

Туфан Ерхурман победи на претседателските избори кај кипарските Турци со 62,8 проценти од гласовите, наспроти 35,8 проценти за досегашниот лидер Ерсин Татар. Победата на умерениот лидер на Републиканската турска партија е читана како јасен сигнал за враќање на УН-рамката за федерално решение и рестарт на преговорите стопирани во 2017 година. Гласачкото право го имаа нешто над 218 илјади жители на Турската Република Северен Кипар, ентитет признат само од Турција.

Грчкиот кипарски претседател Никос Христодулидис му честиташе на Ерхурман и изрази подготвеност за брза средба и продолжување на суштински преговори под покровителство на ОН. Слична порака испрати и шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, оценувајќи дека изборите отвораат „ново поглавје на надеж“ за повторно обединување на островот врз основа на резолуциите на ОН.

Меѓународните медиуми резултатот го толкуваат како заокрет од линијата на Татар и Анкара за „две држави“ кон поотворена позиција за федерално решение. Аналитичарите предупредуваат дека клучот ќе биде ставот на Турција и подготвеноста на двете заедници да прифатат компромис во рамка што ги следи резолуциите на Советот за безбедност. Но фактот дека победникот експлицитно се залага за оживување на преговорите ја крева летвицата на очекувања пред најавениот, неформален проширен состанок под капата на ОН

Зачлени се на нашиот е-билтен