Претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Во пораката таа потсетува на „грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација“ и нагласува дека државноста почива врз нејзиниот дух и дело. Сиљановска-Давкова повикува „револуционерното дело“ да се продолжи „не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и револуционерни реформи“. Истовремено истакнува дека Републиката, преку член 36 од Уставот, гарантира посебни права за борците за самобитноста и државноста на македонскиот народ.
Во честитката претседателката ја поврзува историската традиција со европските вредности, наведувајќи дека Македонија треба „политички да ја вгради“ својата државност „таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа“. Пораката повикува на грижа и заштита на темелните принципи: право, правда, етика, солидарност и рамноправност.