Зохран Мамдани – фаворитот за градоначалник на Њујорк

Њујорк денес (4 ноември 2025) гласа за нов градоначалник, а името што доминира во анкетите е на 34-годишниот демократ и демократски социјалист Зохран Мамдани. По повлекувањето на Ерик Адамс, трката се сведе на Мамдани, независниот Ендру Куомо и републиканецот Кертис Слива; последната анкета на Квинипијак му дава предност на Мамдани со 46%, пред Куомо со 33% и Слива со 15%.

Роден е во Кампала, Уганда, и како седумгодишно дете се доселува во Њујорк. Завршил Bronx Science и Африканистика на Bowdoin, станал американски државјанин во 2018 и од 2021 е пратеник во Долната куќа на Њујорк од квартот Асторија. Родителите му се академикот Махмуд Мамдани и режисерката Мира Наир – семејна биографија што често ја користи за да објасни зошто политиката на градот мора да им служи на „оние што го градат“.

Неговата платформа е агресивно фокусирана на животниот стандард: бесплатни и побрзи автобуси, замрзнување рентa за регулираните станови, јавно финансирано згрижување деца, па дури и градски продавници за намирници – сето тоа покриено со повисоки даноци за корпорации и за приходите над 1 милион долари. Поддршката ја влече од DSA и прогресивни активистички мрежи; токму јасно формулираната „криза на достапност“ стана негов политички бренд во годинашната кампања.

Во финалето на трката, Мамдани собра и тешка партиска артилерија. По месеци калкулации, лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом Хеким Џефрис застана зад него на 24 октомври, додека уште летово Александрија Окасио-Кортез јавно го рангираше како свој „бр.1“ избор. Таквите потпори ја запечатија перцепцијата дека демократите влегуваат во изборниот ден со кандидат кој ја предводи колоната – и покрај жестоката критика од умереното крило и од републиканците.

Двата дуела од последните недели ја кристализираа линијата на поделба: Мамдани говори за „град што можеме да си го приуштиме“, Куомо за управувачка компетентност и јавна безбедност, Слива за ред и дисциплина. Пред камерите, кандидатите се пресметуваа околу полицијата, кириите и улогата на градот во социјалната политика – теми што директно ќе ја дефинираат иднината на метрополата со 8,5 милиони жители.

Дали Њујорк е подготвен за демократски социјалист во Грацијa? Дел од националните медиуми тврдат дека „јасноста на пораката“ му носи предност токму во време на скапо живеење, додека критичарите предупредуваат на ризици за бизнис-климата и буџетот. Како и да заврши вечерва, Мамдани веќе ја промени рамката на дебатата: од културни војни, кон прашањето колку чини секојдневниот живот – и кој ќе го плати тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен