Демократите водат пред републиканците во клучните сојузни држави што ќе решат за контролата врз американскиот Сенат, покажува последното истражување на „Њујорк тајмс“ и колеџот Сиена. Според податоците, демократските кандидати имаат предност дури и во Тексас и Канзас, традиционални републикански упоришта во кои со децении нема победено претставник на Демократската партија.
За да обезбедат мнозинство во Сенатот, демократите мора да ги задржат сите свои актуелни места и да преземат најмалку четири позиции кои моментно им припаѓаат на републиканците. Новото истражување укажува дека демократите водат во пет сојузни држави каде што моментно на власт се републикански сенатори, додека во Ајова резултатот е целосно изедначен.
Предноста на демократите се бележи во Тексас, Канзас, Мејн, Охајо и Алјаска. Во Тексас, каде што демократ не победил на сенатски избори од 1988 година, демократскиот претставник Џејмс Таларико има седум процентни поени предност (50 наспроти 43 отсто) пред републиканскиот државен обвинител Кен Пакстон. Во Канзас, каде демократите немаат сенатор од 1932 година, демократот Адам Хамилтон води со 49 наспроти 44 отсто пред актуелниот републикански сенатор Роџер Маршал.
Главниот фактор за падот на републиканскиот рејтинг е незадоволството на гласачите од економската политика на претседателот Доналд Трамп. Во седумте испитани сојузни држави, работата на Трамп ја поддржуваат само 38 отсто од веројатните гласачи. Земјоделците и работничката класа изразуваат незадоволство поради поскапувањето на дизелот и укинувањето на царините за увозно говедско месо.
Истражувањето покажува и пад на поддршката за републиканците меѓу белите гласачи од работничката класа, која падна од 74 отсто во 2024 година на сегашните 56 отсто во овие држави. Демократите бележат предност и кај независните гласачи, како и обновен раст на поддршката кај помладата популација и латиноамериканската заедница.
Во Мејн, републиканската сенаторка Сузан Колинс заостанува зад демократот Трој Џексон со 45 наспроти 51 процент. Во Охајо, поранешниот сенатор Шерод Браун води пред републиканецот Џон Хастед со 49 наспроти 44 отсто, и покрај значително поголемите трошоци за политички огласи од страна на републиканците. Во Мичиген, каде што демократите веќе имаат сенаторско место, Абдул Ел-Сајед води со 11 процентни поени пред републиканецот Мајк Роџерс.
И покрај предноста на демократите, анкетата регистрира и простор за пресврт. Меѓу неопределените гласачи кои донеле одлука во последниот месец, републиканците имаат предност од девет процентни поени, што укажува на неизвесна завршница на изборите за Сенатот.

