Името на Мирослав Лајчак се појави во „досијата Епштајн“ – Епштајн го ословувал со „Миро“

Објавувањето на новиот сет документи од т.н. „досиеја Епштајн“ предизвика силен политички потрес во Словачка, откако во нив се појавија информации што го поврзуваат осудениот американски финансиер Џефри Епштајн со словачкиот дипломат Мирослав Лајчак – актуелен советник на премиерот Роберт Фицо.

Документите, кои содржат илјадници страници материјали од истрагите за криминалната мрежа на Епштајн и неговите контакти со меѓународни политички, деловни и академски кругови, покажуваат дека финансиерот повеќепати го споменувал Лајчак, опишувајќи го како човек со значајно меѓународно влијание.

Епштајн, кој изврши самоубиство во затвор по пресудата за трговија со малолетни девојчиња, го ословувал Лајчак со прекарот „Миро“, што според содржината на преписките укажува на одредено ниво лична блискост.

Е-пошта што отвора прашања

Новите документи, објавени од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД, опфаќаат и е-пораки во кои Епштајн го претставува Лајчак како „пријател“ и истакнат политичар – министер за надворешни работи на Словачка, претседател на ОБСЕ, поранешен претседател на Генералното собрание на ОН и европски преговарач за дијалогот Белград–Приштина.

Во преписка од 2018 година, објавена од словачкиот портал 360-tka.sk, Епштајн пишува дека „Миро доаѓа во Палм Бич“ за „стратешко планирање“, повикувајќи се на неговата резиденција во Флорида.

Порталот Aktuality.sk, пак, нагласува дека документите не содржат докази дека Лајчак бил свесен за криминалните активности на Епштајн, но откриваат дека финансиерот го сметал за потенцијален партнер во меѓународните дипломатски кругови.

Епштајн во своите пораки давал и коментари за словачката политичка сцена, вклучувајќи ја оставката на премиерот Фицо во 2018 година по убиството на новинарот Јан Куцијак, како и победата на Зузана Чапутова на претседателските избори во 2019, за што забележал дека Лајчак „ќе бил подобар кандидат“.

Политички реакции во Братислава

Скандалот доби нова тежина откако лидерот на Словачката национална партија (СНС), Андреј Данко, го повика Лајчак јавно да ги разјасни тврдењата за разменета комуникација со Епштајн.

„Мирослав Лајчак е врвен дипломат, но мора да каже дали тие е-пораки се автентични“, изјави Данко, најавувајќи дека доколку Лајчак ги негира, ќе биде потребно да се утврди кој комуницирал со Епштајн во негово име.

Тој побара и поранешниот заменик-министер Иван Корчок да објасни дали бил запознаен со можната комуникација, а од актуелниот министер Јурај Бланар побара ревизија на сите службени кореспонденции на претходните раководства во Министерството за надворешни работи.

„Ова е скандал без преседан во Словачка. Треба да се утврди дали службени информации им биле пренесувани на странски актери“, изјави Данко.

Што покажуваат другите е-пораки?

Меѓу објавените материјали се и пораки од март 2018 година, во кои Епштајн му испраќа на Лајчак линк од „Daily Beast“ за психичката состојба на Доналд Трамп. Според документите, Лајчак наводно одговорил дека за темата слушнал доволно во текот на денот.

Во друго писмо, Епштајн му пишувал на Стив Бенон, советник на Трамп, и повторно го споменнал „Миро“, сугерирајќи дека може да раководи со „европски проект“.

Словачки медиуми, меѓу кои и Euractiv Slovakia, се обиделе да добијат изјава од Лајчак, но тој засега нема коментар.

Извор: Vecer.mk

Зачлени се на нашиот е-билтен