Анализи во ЕУ: Корупцијата во врвот на украинската власт ја разнишува западната поддршка и европската перспектива на земјата

EPA

Европската унија внимателно ја следи новата корупциска афера во Украина, која сериозно ја засени силната западна поддршка што земјата ја добива од почетокот на руската инвазија.

Додека високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, ја поздрави одлуката на Германија да ја зголеми финансиската помош за Киев и најави дипломатска турнеја на Западен Балкан, европските аналитичари предупредуваат дека скандалот во врвот на украинската власт отвора тешки прашања за владеењето на правото и функционирањето на институциите во земјата.

Скандал што ја разниша довербата

Аферата со проневера од над 100 милиони евра — во која, според медиумите, се вмешани бизнисмен близок до претседателот Володимир Зеленски и министрите за правда и енергетика — предизвика жестоки реакции во Украина и Европа. Парите биле наменети за одржување на критичната енергетска инфраструктура, постојана цел на руските напади.

Украинскиот дневник Espreso го опиша случајот како „самоубиство и предавство“, потсетувајќи дека една од најтешко погодените установи е нуклеарната електрана Хмељницки. Весникот гневно прашува „каде е ветената заштита“, кога во спортски торби биле пронајдени големи суми евра и долари, наместо средства насочени кон одбрана и помош за фронтот во Покровск.

Последици за Зеленски и европскиот пат

Италијанскиот Кориере дела сера предупредува дека аферата го ослабува „внатрешниот фронт“ во момент кога руските сили напредуваат. Весникот потсетува и дека дел од администрацијата на Трамп врши притисок врз западната поддршка за Украина.

„Зеленски во минатото ги бојкотираше антикорупциските органи, а сега бара ’сè да се расчисти’“, пишува миланскиот дневник.

Португалскиот Визао оди чекор понатаму и оценува дека процесот на пристапување на Украина во ЕУ е „длабоко разнишан“, додавајќи дека западните сојузници „мораат да добијат брзи и јасни одговори“ ако земјата сака да продолжи да ја добива неопходната финансиска поддршка.

Украинскиот медиум Џекало Тишња смета дека сегашната криза е резултат на „владеење без избори“, што довело до „деградација на институциите“, и повикува на детална реформа на парламентот, судството и безбедносните служби.

Реакции од Германија и други европски држави

Германскиот канцелар Фридрих Мерц му ја пренел на Зеленски својата „чврста позиција“ дека треба одлучно да се продолжи борбата против корупцијата и да се спроведат реформите во правосудството. Германија е земјата што досега обезбедила најголем дел од финансиската поддршка за Киев.

Австрискиот Кронен цајтунг смета дека е охрабрувачки тоа што корупцијата е откриена преку дејствување на украинските истражни органи. Гермaнскиот Велт пишува дека граѓанскиот сектор во Украина покажал отпорност и со масовни протести го принудил Зеленски да не ја поткопа независноста на Националното биро за борба против корупцијата.

Иако многу европски медиуми оставаат простор за продолжување на европската перспектива на Украина, истовремено предупредуваат дека довербата мора итно да се обнови.

Угледниот германски портал Eurointelligence е далеку попесимистичен, оценувајќи дека ЕУ веќе нема влијание во односите со Москва и дека во иднина ќе зависи уште повеќе од политиката на администрацијата во Вашингтон.

Сепак, преовладува ставот дека украинските граѓани и понатаму гледаат кон Европа и европските вредности — но корупциските афери во врвот на власта можат сериозно да го нарушат тој пат ако не следуваат брзи и кредибилни реформи.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен