Русија привремено суспендира извоз на нафта од Новоросијск по украински напад

Русија привремено стопираше околу 2% од својата глобална понуда на нафта, откако украински напад го погоди стратешки важниот нафтен терминал во Новоросијск, во југозападниот дел на земјата, соопштија руски официјални лица и повеќе телеграм-канали.

Нападот ја погодил нафтната станица Шешхарис, еден од клучните терминали преку кои минуваат голем број нафтovodi. Според извештаите на Ројтерс, пожарот што настанал бил брзо изгаснат, но терминалот бил принуден да го прекине извозот од околу 2,2 милиони барели дневно, што претставува значителен дел од руската извозна нафта.

Новоросијск во последните месеци е повеќепати цел на украински удари, бидејќи претставува централна точка за руската црноморска логистика и енергетска инфраструктура.

Штета и повредени во пристаништето

Оперативниот штаб на Краснодарскиот крај потврди дека нападот оштетил повеќе објекти на брегот. Локалните медиуми јавуваат дека бил погоден и цивилен брод во пристаништето, при што тројца членови на екипажот биле повредени.

Андриј Коваленко, раководител на украинскиот Центар за спречување дезинформации, објави снимки од последиците на терминалот, коментирајќи: „Ова е нафтениот терминал во Новоросијск по нападот. Во меѓувреме, Русија удира по станбени згради и енергетска инфраструктура“.

Украина: рафинериите се легитимни цели

Киев долго време ги смета руските нафтени рафинерии и петрохемиски постројки за легитимни воени цели, бидејќи тие ги финансираат руските операции во Украина.

Претседателот Володимир Зеленски претходно оваа недела истакна дека Русија годинава забележала „значаен пад“ на производството и рафинирањето на нафта, додавајќи дека приходите од нафта и гас во рускиот буџет се намалуваат и дека до крајот на годината загубите ќе изнесуваат најмалку 37 милијарди долари.

Русија возвраќа со масовен напад врз Киев

Нападот врз Новоросијск доаѓа во моменти кога Русија изврши масовен ракетен и дрон-напад врз Киев. Најмалку шест луѓе загинаа, а 14 беа повредени, а неколку станбени згради беа запалени во еден од најжестоките напади во последните месеци.

Извор: Euronews

Зачлени се на нашиот е-билтен