Окружниот суд во Осло денеска пресуди дека контроверзната книга за Мариус Борг Хојби, 28-годишниот син на норвешката принцеза Мете-Марит од нејзината претходна врска, може да продолжи да се продава во Норвешка, и покрај неговите обиди да ја повлече од јавноста.
Судот го одби барањето на Хојби за итна забрана на книгата „Бели линии, црна овца“, а тој дополнително е задолжен да ги покрие судските трошоци во износ од околу 530.000 норвешки круни, односно околу 45.000 евра.

„Книгата е од јавен интерес“
Во соопштението на издавачката куќа Aschehoug се наведува дека пресудата претставува потврда за важноста на заштитата на публикациите од јавен интерес, што е темелен принцип во едно демократско општество. Адвокатот на издавачот, Јорген Вангснес, за агенцијата NTB изјави дека судот ја ставил слободата на говор и изразување во фокусот на својата одлука.
Од друга страна, преку своите адвокати, Хојби порача дека во книгата се изнесени бројни невистини и клевети, поради што барал таа да биде повлечена сè додека не се исправат наводните грешки. Неговиот адвокат, Елиас Кристенсен, најави дека одбраната внимателно ќе ја разгледа пресудата и ќе одлучи дали ќе поднесе жалба.
Навреди, тешки обвиненија и претстојно судење
Судот призна дека книгата содржи сериозни и навредливи тврдења за Хојби кои немаат фактичка поткрепа, меѓу кои и она за наводна продажба на кокаин во близина на Кралската палата во Осло.
Инаку, Хојби во август беше обвинет по 32 точки, меѓу кои и за силување. Тој призна дека бил насилен кон поранешната девојка под дејство на алкохол и кокаин, како и дека оштетувал имот во нејзиниот дом. Но, најголемиот дел од обвинувањата – вклучително и она за силување – ги негира.
Судењето треба да започне на 3 февруари. Доколку биде прогласен за виновен, Хојби се соочува со повеќегодишна затворска казна.
Извор: Index.hr

