Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделник ќе се изјасни за резолуцијата со која би се поддржал мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за управување со Газа по прекинот на огнот во двегодишниот конфликт меѓу Израел и Хамас, соопштуваат дипломатски извори.
Минатата недела Вашингтон официјално отвори преговори за текстот на резолуцијата, кој треба да го дефинира идниот административен и безбедносен аранжман во појасот Газа. Според последната верзија, во која имал увид AFP, резолуцијата го „поздравува формирањето Комитет за мир“ – привремено управно тело за Газа со мандат до крајот на 2027 година, кое можеби би го водел самиот Трамп.
Планирани меѓународни сили и нови механизми за управување
Накцрт текстот предвидува земјите членки да формираат привремени „Меѓународни стабилизациски сили“ (ISF) кои би дејствувале во соработка со Израел, Египет и новообучената палестинска полиција, со цел обезбедување на граничните премини и постепена демилитаризација на Газа. За првпат, во резолуцијата се наведува и можноста за идно формирање палестинска држава.
САД, заедно со низа арапски и муслимански земји – Египет, Саудиска Арабија, ОАЕ, Турција, Индонезија, Катар, Пакистан и Јордан – во заедничка изјава побараа Советот за безбедност „брзо да ја усвои“ резолуцијата.
Русија предлага алтернативен текст
Во паралелен потег, Русија на членките на Советот им достави конкурентски нацрт резолуција, во кој не се поддржува формирање мировен комитет ниту распоредување меѓународни сили. Во руската верзија се поздравува иницијативата што довела до прекин на огнот, но Трамп воопшто не се споменува.
Овој документ предвидува генералниот секретар на ООН да изготви извештај за можноста за меѓународна стабилизациска мисија во Газа, без директно одобрување на нивно распоредување.
Предупредувања од Вашингтон и разделени ставови во Советот
Вашингтон ја оценува сегашната пауза во борбите како „кршлива“ и предупредува дека неусвојувањето на американската резолуција би значело „поддршка за продолжување на владеењето на Хамас или враќање во војна со Израел“, изјави амбасадорот на САД при ООН, Мајк Волц, за The Washington Post.
Иако повеќето членки на Советот досега се изјаснија дека ги поддржуваат основните принципи на планот, дипломатски извори наведуваат оти во текстот има отворени прашања – меѓу нив: недостигот од механизам за надзор од страна на ООН, нејасната улога на Палестинската управа и деталите за мандатот на ISF.
Руската делегација истакна дека нивниот алтернативен текст го признава начелото на „решение со две држави“ во рамки на идниот израелско-палестински договор, нешто што, според Москва, недоволно е адресирано во американскиот предлог.
Гласањето се очекува да биде едно од најзначајните за исходот на дипломатските напори околу иднината на Газа.
Извор: Index.hr

