Во време кога заедницата полека исчезнува од секојдневието, Планинарскиот клуб „Љуботен“ покажа дека на овие простори сè уште постои нешто посебно, нешто што обединува генерации, создава пријателства и ја чува љубовта кон планината. Токму затоа вчера, во преполната сала на Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, со долги аплаузи, стоечки поздрави и искрени емоции беа наградени сите оние кои во изминатите 100 години направиле многу за клубот – клуб кој не е само институција, туку жива меморија на заедништво.
Свечената академија започна со стиховите на Блаже Конески од „Шар Планина“, како симболична потсетница на вековната врска меѓу човекот и планината. Химната на Република Македонија беше изведена од Градскиот мешан хор „Балтепе“ под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска, отворајќи атмосфера полна со достоинство, почит и гордост.

Емоцијата што ја донесе Јован Божиновски
Со петминутен аплауз присутните го дочекаа Јован Божиновски, чие обраќање беше сржта на вечерта.
Тој потсети дека ПК „Љуботен“ работи за својата иднина, со бројни едукативни настани, активности за популаризирање на планинарењето и вистинска грижа за културата на планината.
„За клубот поминаа само првите 100 години – еден век, нека е за навек“, порача Божиновски, истакнувајќи дека вистинската сила на клубот се сите негови членови: некогашни, сегашни и идни.
Голем дел од неговиот говор беше посветен на зачуваната традиција. Клубот поседува богата архива: документи, фотографии, планинарски значки, медали, пехари, плакети, печатен материјал, па дури и оригинална опрема и алати со кои се изработувале првите скии. Оваа огромна колекција е основата врз која во 2022 година беше донесена одлука за формирање на Музеј на планинарењето и скијањето во Македонија – проект кој е меѓу приоритетите на клубот во блиска иднина.

Документарен филм и емотивни моменти
Следеше прикажување на дел од документарниот филм за клубот, изработен од авторскиот тим Милчо Силјаноски, Ненад Велкоски, Христијан Џогов, Ѓорѓе Богдановски и Емануел Трпчевски (Red Central Production).
Филмот имаше силен одек меѓу присутните, разбуди носталгија, восхит и почит кон сите генерации што го чувале духот на „Љуботен“.

Во првиот дел на свечената академија беа доделени и првите признанија. Меѓу наградените беше и Сашко Кедев, кој во своето обраќање истакна дека за сите негови подвизи се подготвувал токму на Шар Планина, препорачувајќи ја зимската патека до Титов Врв за сите кои сакаат сериозно да се занимаваат со планинарење. Меѓу наградените беше и Јован Попоски – ветеран на македонскиот алпинизам и водич на Хималајските експедиции, како и дел на експидицијата со Диме Илиевски – Мурато.

Постхумни признанија и чест на големите имиња
Свеченоста продолжи со доделување на низа постхумни признанија:
- Ѓорѓи Гого Попов – професионален фотограф и еден од пионерите на планинарењето и скијањето, чие дело е застапено во монографијата „Звукот на тишината“. Плакетата ја прими Емилија Ефтимова Гоговска.
- Димитар Илиески – Мурато – првиот Македонец кој стапнал на Монт Еверест во 1989 година. Признанието го прими неговиот син Јонче Илиески, кој работи и живее на метеролошката станица на Пелистер.
- Љупчо Меловски – професор, љубител на планината и долгогодишен претседател на МЕД, чија научна работа беше клучна за прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Плакетата ја прими Диме Меловски.
Беа доделени Признанија за институциите и поддржувачите. ПК „Љуботен“ додели и низа плакети за трајни вредности на своите соработници:
Секое признание беше проследено со аплауз, говори и искрени благодарности.
Мултимедијалната изложба: патување низ 100 години
Во фоајето на Домот на културата беше поставена мултимедијална изложба со архивски материјали, стари фотографии и оригинални предмети од клубот.
Присутните можеа да видат предмети што ја раскажуваат историјата на македонското планинарење – предмети кои веројатно нема да се видат на друго место.
Настанот продолжи со коктел и дружење, а меѓу коментарите доминираше едно:
„Ова беше еден од најемотивните настани што ги имаме доживеано.“
Вториот дел: признанија, плакети и животни дела
Во продолжение беа доделени уште бројни признанија:
Највисоки признанија за соработка, Највисоки признанија за поединци беа доделени на 12 заслужни членови.
Награди за животно дело: На сцената се искачија ветераните, луѓето кои целиот свој живот го посветија на клубот и на Шар Планина. Меѓу нив беа Панче Грнчаровски, Миодраг Аврамовски, Ѓуро Илиески, Горки Качелов и многу други.
Тие беа поздравени со посебна почит – доказ дека Љуботен знае да ја чува својата историја.
Признанија за институции:
Општините, Националниот парк, спасителните служби, Центарот за Полошкиот регион, разни организации – сите беа дел од ова големо семејство.
Благодарници за архивски материјал
За оние кои придонеле да се сочува богатата историја беше доделена група од благодарници, вклучувајќи ги Државниот архив, Кинотеката на Македонија и НУБ „Св. Климент Охридски“.

Настан што ќе се памети
Свечената академија за 100 години ПК „Љуботен“ беше славење на вредности, на заедништво, на љубовта кон планината, на историја пренесувана од генерација на генерација.
Беше доказ дека кога постои искрена мисла и чиста кауза – времето не може ништо.
И навистина, како што кажа Јован Божиновски:
„За клубот поминаа само првите 100 години – еден век, нека е за навек.

