Нормализиран железничкиот сообраќај: Машиновозачите го прекинаа бојкотот по успешни ноќни преговори

Железничкиот сообраќај во земјава од ноќеска е целосно нормализиран, откако Синдикатот на машиновозачи на Македонија го прекина бојкотот по повеќечасовни преговори со раководството на МЖ Транспорт и претставници од Министерството за транспорт.

Претседателот на синдикатот, Тони Димовски, за МИА изјави дека дел од нивните барања се прифатени, што било доволно за привремено запирање на бојкотот.

– Имавме конструктивни преговори кои вродија со плод. Дел од барањата се исполнети и колегите одлучија да не се прават дополнителни трошоци, па бојкотот засега се прекинува. Сообраќајот е нормализиран во 01:30 часот. Првиот воз тргна кон Куманово во 4:57, изјави Димовски.

Тој додаде дека дијалогот со раководството ќе продолжи и во наредниот период.

Последици од бојкотот

Бојкотот започна вчера во 13:30 часот и во текот на денот беа стопирани пет патнички воза – два кон Битола и по еден кон Куманово, Гевгелија и Велес. Товарниот сообраќај немаше директни прекини, но се соочил со временски задоцнувања поради активности на пругите.

Барањата на машиновозачите

Синдикатот на 2 октомври доставил вкупно 15 барања до раководството, меѓу кои:

  • исплата на прекувремени часови,
  • бонус плата за над 150 прекувремени часови,
  • покачување на коефициентот за 0.80 поради зголемените животни трошоци,
  • додаток од 10% на плата за итно повикување на работа.

Отсуството на одговор било причината за вчерашниот бојкот.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?