Најпознатиот алат на компанијата за развој на вештачка интелигенција OpenAI, четботот ChatGPT, годишно троши околу 17,23 терават-часови (TWh) електрична енергија, што е повеќе од вкупната годишна потрошувачка на електрична енергија во Словенија, пренесува агенцијата Танјуг.
Според истражување на Универзитетот Род Ајленд, ChatGPT троши приближно 0,189 киловат-часови електрична енергија по еден упит. Проценката на годишната потрошувачка се темели на претпоставката дека околу 810 милиони активни корисници, во просек, поставуваат по 22 прашања неделно, објави словенечкиот весник „Дело“.
На дневно ниво, ChatGPT обработува повеќе од 2,5 милијарди упити, што резултира со потрошувачка од околу 47,2 мегават-часови (MWh) електрична енергија. Според анализите, ова количество струја би било доволно за полнење на околу 238 милиони електрични возила со батерии со капацитет од 72,4 киловат-часови.
За споредба, просечно домаќинство во Соединетите Американски Држави или во западна Европа дневно троши околу 29 киловат-часови електрична енергија.
Алан Голдберг од компанијата Best Brokers истакнува дека енергетската ефикасност на ваквите системи постојано се подобрува, но дека зголемениот број корисници и растечката комплексност на моделите за вештачка интелигенција ги поништуваат постигнатите заштеди.
Според него, доколку не дојде до значајни технолошки иновации, трошоците за користење на вештачката интелигенција би можеле дополнително да се зголемуваат во иднина.