Власта изнуди оставка од јавниот обвинител, ова е удар за правната држава со делекусежни последици

обвинител

Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука. Затоа, денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Функција која што во изминатите нешто помалку од две години ја вршев чесно и достоинствено и од која заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.

Со овие зборови започнува изјавата на Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Како доказ дека станува збор за политичка одлука, Коцевски посочи дека дури денеска во 10 часот утрово, на само еден час пред закажаниот почеток, му беше доставена покана од Собранието да присуствува на седницата на која ќе се расправа за неговото разрешување.

„Предлогот за разрешување воопшто не ми е доставен и не знам на што треба да се произнесам. Собраниска седница која очигледно требаше да биде само формалност и за која не ми беше овозможен ниту минимум разумен рок за да подготвам свое обраќање. Тоа е така затоа што е јасно дека станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на јавното обвинителство. Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа“, истакна Коцевски во својата изјава.

Тој укажа дека Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда.

„Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, рече Коцевски.

Во својата изјава Коцевски рече дека ќе зборува и за суштината – нешто за што смета тој дека е далеку поважно од самата постапка и правните формалности.

Тој нагласи дека откако ја презел функцијата државен јавен обвинител, обвинителството функционира во услови на сериозни кадровски и материјални ограничувања. Бројот на јавни обвинители и стручни соработници е намален. Дел од обвинителствата работат со минимален капацитет, без соодветна техничка поддршка, без современи алатки, а често и без основни услови за работа.

„Но, и покрај сето ова, како резултат на одлучните чекори кои ги презедов, резултатите од работата се видливи, мерливи и јасни. Податоците од годишните извештаи говорат дека ефикасноста на обвинителството во 2024 година е зголемена во однос на 2023 година. Верувам дека иста ќе биде состојбата и за 2025 година, а годишниот извештај веќе се подготвува“, рече Коцевски.

Дополнително тој потсети дека се сработени се голем број предмети од висок јавен интерес, во кои се опфатени осомничени лица блиски до различни политички и бизнис центри на моќ. Тоа, рече Коцевски, говори за неселективниот и објективен пристап во работењето на јавното обвинителство.

„Имаме правосилни пресуди за поткуп и влијанија во правосудството, имаме активно обвинение за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, имаме поднесени обвиненија против организирани групи од нарко-подземјето, имаме отворени истраги за даночни малверзации, злоупотреби на ИПА фондови и многу други предмети со кои, поради несовесно работење, е нанесена штета на државата“, нагласи Коцевски.

Коцевски рече дека и во такви услови за рекордно време од само два и пол месеци е завршена истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, а во тек се постапки и проверки и за други предмети кои произлегоа од оваа истрага.

„Ќе потсетам – сето ова се случуваше во моменти кога извршната власт не ни обезбеди доволно услови за борбата против криминалот и корупцијата“, оцени Коцевски.

Тој укажа и на најголемата критика од последниот извештај на Европската комисија идентификувани кај политичките притисоци врз правосудството, кои ни ја парализираат борбата со корупцијата.

„Предлогот за мое разрешување е вистински пример за тоа, кој верувам ќе се најде во следниот извештај. Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување“, потенцирашпе Коцевски.

Тој рече дека е убеден сум дека притисокот да поднесе оставка е и затоа што се зафатил со значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството.

„Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, посочи Коцевски.

Од неговата работа, смета тој, беа констатирани сериозни пропусти во работењето на одредени јавни обвинители, а кои пропусти подоцна биле потврдени и од дисциплинската комисија на ЈО.

„Лицемерно е да бараме одговорност од граѓаните кои го прекршиле законот, ако не можеме да побараме одговорност во своите редови. Ние, како јавни обвинители, треба да бидеме првите кои ги почитуваат прописите, го штитат јавниот интерес и служат како пример за сите останати. Затоа решив да не ги толерирам пропустите и незаконитостите во работењето на одредени јавни обвинители, како и милионските штети кои беа нанесени со нивните одлуки и да барам нивна одговорност“, кажа Коцевски.

Тој рече дека иако тоа не се лесни одлуки, создаваат отпор и непријатели, тие се неопходни ако сакаме обвинителство кое служи на законот, а не на поединци или центри на моќ, како што смета Коцевски.

„Во ова мое последно обраќање од оваа позиција, сакам искрено да им се заблагодарам на сите јавни обвинители, на сите вработени во јавното обвинителство и во истражните центри, за нивната посветена и макотрпна работа. Затоа што заедно со мене секој ден ги издржуваа и ги издржуваат сите јавни па можеби и други притисоци, сите неоправдани прозивки кои наликуваат на јавен политички линч, работејќи неселективно и без компромис“, рече Коцевски.

На крајот од својата изјава тој упати порака и до граѓаните

„Ми претставуваше чест на крајот на својата кариера да ја предводам оваа исклучително важна институција и секојдневно да се борам за вашата доверба во нас. Во Јавното обвинителство секогаш ќе имате сојузник за заштита на вашите права. Секогаш чувајте ја и штитете ја неговата самостојност. Обвинителството е институција во која често однадвор изгледа дека се кршат многу копја, но обвинителите и вработените во него остануваат последниот бедем што гарантира дека тие копја нема да се скршат од грбот на народот. Јас си заминувам од функцијата, но верувам дека обвинителството поседува институционален капацитет да работи објективно и непристрасно – затоа што институциите се поголеми од поединците, а правдата мора да биде поголема од политиката“, нагласи Љупчо Коцевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен